Skip to content Skip to footer

СОРАБОТКАТА НА ПОРТАЛОТ „САКАМ ПИВО.МК“ СО СЛОУ ФУД МАКЕДОНИЈА

За прв пат во Македонија на 24-ти јуни 2016 година се одржа првиот Master of Food курс за занаетчиски (крафт) пива во салата „Лабораторија за вкус“ во организација на мрежата Слоу Фуд Македонија и настанот Тера Мадре Македонија, со што и започна долгогодишната партнерска соработка со нашиот портал. Во рамките на овој курс се презентираше преведеното издание на Италијанскиот водич „Добро Чисто и коректно пиво“ од  Лука Џакет, а Македонското издание беше надополнето со краток историјат на пиварството во Македонија, и преглед на Македонската законска регулатива. Посетителите по пат на резервација имаа можност да се запознаат со новите трендови и стилови во пиварството, видот на чашите во кои се служи и при тоа се дегустираа неколку домашни занаетчиски пива и пивата од првата Македонска занаетчиска пивара Темов. Курсот го водеа Марјан Костадиновски (автор на порталот Сакам Пиво, Александар Матевски – тогаш мајстор на пивото во крафт пиварата Темов и Пеце Цветковски од вила Дихово и производител на домашно пиво Лајк.

На Ооој настан се роди идејата за организација на настани за промоција на занаетчиското пиварство и тоа во време кога немавме извор на суровини (читај слад, хмељ квасец, основните состојки за едно пиво). Па така во 2017 г заедно го реализиравме Есенскиот фестивал на домашно пиво во Битола во Задругата Артикултура и од следната година почнавме со Пивските Салони во Скопје со желба да ги одржуваме и во други градови низ Македонија.

Голем дел од тогашните учесници денес се регистрирани занаетчиски пивари, се направија некои измени во законската регулатива и отвори можност за развој на овој семеен бизнис и мало производство.

Симболично на 26 Јуни во Културниот дом Кисела Вода во Паркот Македонија ќе се случи 5тото издание на пивскиот салон со што целта е постигната. Денес веќе имаме пријавено 10тина учесници, дел од нив регистрирани пивари, и дел се домашни производители на пиво без кои и немаше да се случи овој настан.

Соработката на Сакам Пиво.мк и Слоу Фуд Македонија ќе продолжи и наредните години во реализација на проектот Slow Beer односно промовирање на локални суровини за производсто на пиво.

__________________________________________________________________

Слоу Фуд (Slow Food) е меѓународна, не-профитна организација со членови и подржувачи насекаде во светот, кои го поврзуваат задоволството и добрата храна со обврската кон нивната заедница и животната средина.

Промовирана како алтернатива на брзата храна, Слоу Фуд настојува да ги заштити од исчезнување традиционалната и регионалните кујни, да го поттикне земјоделството со растенија, семиња и добиток карактеристични за локалниот екосистем и производство на храна чија технологија е базирана на знаењето на локалното население. Своите цели за одржлива храна и промоција на локалните мали производители се обидува да ги реализира преку агенда, насочена против глобализација на земјоделсвото и гастрономијата.

Основана од Карло Петрини во 1986 година во Италија во како протест на мала група на луѓе, Слоу Фуд денес претставува меѓународно движење со преку 100.000 членови од 160 држави во 1500 локални организации (конвивиуми). Организациската структура е децентрализирана: секој конвивиум има лидер кој е одговорен за промоција на филозофијата на Слоу Фуд преку промовирање и поддршка на локалните занаетчии, фармери, готвачи преку локални и меѓународни настани како работилници, дегустации, саеми и пазари.

Седиштето на организацијата е во Бра, мало гратче во близина на Торино, северна Италија. Организацијата денес организира повеќе меѓународни настани, а има и своја издавачка куќа, која има зад себе бројни изданија на повеќе јазици.

Во прилог дел од атмосферата од настанот: