Skip to content Skip to footer

ПИВСКИ ТУРИЗАМ: ВО ПОСЕТА НА MAISTER BREWERY, КАМНИК СЛОВЕНИЈА

Порталот Сакампиво.мк продолжува со серијалот на пивскиот туризам. Овој пат бевме во посета на пиварата Maister Brewery во градчето Камник, во непосредна близина на Љубљана,Словенија каде што главен мајстор пивар е нашиот пријател Дејан Коларовски од Струмица

Еден мал вовед во пивската сцена во Словенија.

Од 2009 година движењето и трендот на крафт пивската сцена во Словенија постојано е во пораст, а трендот го следат и големите индустриски корпорации како Лашко и Унион со тоа што во нивните пивници се произведуваат мали серии на пива блиски до крафтот, на пример Унион од неодамна во рамките на нивниот музеј пиварница го точат Нефилтрираното Унион пиво светло и темно, како и Пале Але пивото во црвена хартиена амбалажа.

Според податоци од словенскиот портал за пиво Pivopis.si во Словенија има вкупно 87 крафт пиварници од кои само во периодот од Март 2017 г до Март 2018 година биле отворени 23 нови микропиварници. Во текот на тој период тие произведувале 1,25 милиони литри оригинално пиво, додека останатите помали 850 илјади литри пиво што е вкупно 2,1 милиони литри. И покрај брзиот раст, нивниот удел на пазарот е само 2,25%. Вкупниот волумен на пиво произведенo во Словенија во изминатата година изнесува 93 милиони литри, а вкупниот обем на увезено пиво изнесува 56 милиони литри.

 

Во општина Камник има 5 пиварници. Нивните вработени забележуваат дека во Камник водата е погодна за сите видови пиво, бидејќи не бара подолга обработка. Треба да се додадат само неколку минерали и соли. Бидејќи Словенија не произведува јачмен, тој се купува воглавно од Велика Британија, Германија и Белгија. Хмељот, кој се користи за горчината на пивото, е локален или чешки, а за да се постигне вистинскиот вкус и арома се користи Американскиот или Германскиот хмељ кој се увезува. Сите пиварници купуваат квасец од странство, освен пиварниците Barut Brewing и Blending кои произведуваа свој квасец. Сите пиварници даваат приоритет на квалитетот и чистотата, како и вистинската комбинација на состојки за одредени сорти на пива.

Во близина на Малиот замок (словенечки: Мали град), во непосредна близина на историскиот центар на Камник, Maister Brewery произведува занаетчиско пиво од минатата есен. Пиварницата е именувана по генералот Рудолф Мастер. Неговото име е исто така дадено и на првото пиво кое што почнаа да го варат – генерал Мајстер. Сите видови пиво во оваа пиварница се нефилтрирани и непастеризирани. Во моментов, пиварницата произведува помеѓу 13 и 20 илјади литри пиво месечно. Таа е лидер во поглед на производството во општината. Во првата година на работа, достигна 100% стапка на раст.

Наш домаќин беше главниот мајстор пивар струмичанецот Дејан Коларовски (со кого го имавме првото интервју за нашиот портал) кој веќе подолго време живее и работи во Словенија.Посебно е горд на неговото пиво  Noordung портер стил на пиво кој има добиено неколку награди за таа категорија. Содржи 6% ABV, 18 IBU единици за горчина, со прекрасна избалансирана комбинација на овесните снегулки, вистинското какао, совршено уживање и во летентите вечерни часови и во зимските студени денови.

Rusjan – IPA е многу пријатно и пикантно пиво со изобилна и кремлива пена, со средно и избалансирано тело. Доминираат овошните ароми, кои во устата оставаат силен интензивен вкус. Gallus е лагер стил на пиво, а исто така произведуваат и Berliner Weisse стил на пиво со препознатливата киселкаста арома од лактобактеријата.

Убавината на посетата на овие мали пиварници е во тоа што во нивните соби за дегустација може да се запознаат и со локалната кујна и традиција, за оваа прилика ние имавме можност да уживаме во препознатливиот вкус на светски познатиот крањски колбас. Имињата на сите пива се дел од локалната историја и традиција и имиња на нивни локални историски личности.

 

За жал нашето време беше кратко бидејќи не чекаше долг пат и посета на уште неколку други локации, но се надеваме дека повторно ќе имаме прилика да уживаме во нивните пива и гостољубивост и би сакале да ги има и кај нас.

Марјан Костадиновски