Крафт пиварството не е само индустрија за пијалаци, тоа е чиста супкултура. А во таа супкултура, етикетата е сè – таа е првиот контакт, бунтот на полицата и идентитетот на пиварата. Денес на нашиот веб-сајт ни гостува Дамјан Ѓоргиевски, дечкото кој веќе десет години ги поместува границите во визуелното раскажување приказни (world-building). Живеејќи во Финска, земја позната по суров минимализам но и по извонредна крафт сцена, Дамјан успева да ги вклопи своите детални, често епски илустрации во светот на пивските лименки. Прочитајте го нашето интервју во кое зборуваме за „лудилото“ на малите серии, зошто лименката е подобра од шишето за еден дизајнер и како се преживува цензурата на строгите северни регулативи.
Како започна сè? Како еден дизајнер во Финска влегува во светот на крафт пивото? Дали прво бевте љубител на пиво или едноставно баравте послободно „платно“ за Вашата уметност?
Оваа авантура започна доста неочекувано. Појдовната точка беше Cafe Boardgame во Хелсинки каде се имав здружено со газдата на самиот локал врз основа на тоа што двајцата сме љубители на друштвени игри, тој е музичар и аниматор, а јас уметник. Зборувавме долго околу тоа кои се нашите желби и амбиции и јас ја изразив својата желба за еден ден да правам амбалажи за пива. Тој се изненади и рече дека негова животна желба исто така била да има своја линија на пива.Разговаравме околу тоа како да го изведеме сето тоа со минимални финансии и време и некако се наредија коцките да за неколку месеци од тој разговор дојдовме
до првиот договор со 8-Bit Brewery чиј основач исто така беше љубител на друштвени и видео игри. Откако излезе првото пиво и се распродаде за рекордно време сфативме дека сме дошле до нешто вредно.
Се сеќавате ли на Вашата прва официјално отпечатена етикета што заврши на шише/лименка? Каков беше чувството кога ја видовте на полица во продавница?
Да. Како надоврзување на претходното прашање – Cafe Boardgame Helsinki ми беше на мене преку улица од каде што живеев тогаш. Петри, основачот на локалот само ми прати една фотографија од 500 шишиња и етикета спремна за лепење. Веднаш штом се ослободив од работа отидов да го видам во живо. Се сеќавам дека беше темно и ладно, а внатре беше осветлено со столни лампи и како и секогаш, имаше атмосвера на некоја таверна, особено со придружбата на келтска амбиентална музика. На барот имаше веќе луѓе што го гледаа пивото на полица, го пиеја и коментираа за квалитетот на пивото и етикетата. Тоа беше Paladin Classic Pilsner – лесно, светло, питко пиво. Идејата беше да испробаме со нешто по едноставно и познато, но да е квалитетно. Илустрацијата за амбалажата беше прилично брзо направена, но ефективна, особено за амбиентот на просторот. Не знаевме дали воопшто некој ќе се заинтересира да ги проба реално, така да првичниот брендинг беше доста брзо склопен, основан на финскиот минималистички дизајни, искомбиниран со веќе постоечката естетика на 8 Bit Brewing и класична фантастична естетика. Набрзо дојдовме до информација дека луѓе ги земаат шишињата за украс дома, што за мене беше еден голем комплимент. Уште од првата недела одлучивме дека мораме да направиме цела серија.
За разлика од големите индустрии каде што сè е строго планирано, во малите крафт пивари работите се случуваат брзо. Колку лудост и слобода има во Вашиот процес? Дали некогаш пиварот дошол и рекол: „Сваривме нешто чудно со локални фински бобинки, ни треба етикета за три дена!“?
Тоа се случи неколку пати. Некогаш дури и беше по цена на квалитетот на амбалажата. Бидејќи пиварите постојано ферментираат а локалите постојано трошат, финансиите постојано се менуваат од сите страни, имаше неколку ситуации каде бев принуден да направам работи на брзина кои можеа да се подобрат. Реалноста е и дека немам пристап до тест принтовите доколку воопшто постојат, иако зборуваме за мали производства, бидејќи Финска има многу високо конзумирање на алкохол, што придонесува до тоа да можат и покрај големиот број, малите пивари активно да работат. Еднаш имав ситуација каде морав да направам
амбалажа во рок од 8 часа. Тоа не беше најдобро искуство со оглед на тоа дека притисокот беше од страна на принтерот, кој воопшто не ни направи тест принтови и направи голем компромис со финалниот продукт. Од друга страна, последните неколку соработки кои ги имав со Salama Brewing беа одлични и мислам дека тоа што ќе излезе од таа насока наскоро ќе биде на едно повисоко ниво, бидејќи тие имаат одлична технологија за принтање на лименки што е доста поинакво од принтањето за шишиња.
Крафт пивата имаат генијални и често откачени имиња. Дали и Вие учествувате во кумувањето на пивата или само ја визуелизирате идејата на пиварот?
За некои од сериите имињата беа предодредени од самите серии и изборот беше целосен од страна на клиентот. Но! Имав прилика да го кумувам Berserker – Blood Red Lager. Мислам дека наскоро ќе имам повеќе вакви прилики.
Финскиот дизајн на светот му е познат по чистиот, смирен минимализам. Од друга страна, независната крафт сцена често е инспирирана од панк, метал, скејт или хип-хоп културата. Како го балансирате овој фински парадокс на етикетите?
На почеток имав проблем со тоа. Кај финскиот дизајн интересно е што таа чистина оди дури и во алтернативната сцена. Интересен момент е што дури и уличната уметност се случува на предодредени места и е поделена на графити артисти по метри квадратни, што на моменти изгледа малку чудно да се посведочи особено за мене што доаѓам од една околина која е по хаотична. За RPG серијата со Cafe Boardgame Helsinki графичкиот дизајн е прилично… линеарен? Немав многу простор да експериментирам затоа што мораше да задоволи повеќе фронтови. Главната слобода ми беше во илустрацијата. Но во неколкуте последни соработки имав шанса да сработам нешто по авантуристичко, иако со голема претпазливост, кое на крај наликуваше на Splash Art од видео игри испечатено на амбалажа од лименка, што исфункционира одлично поради 360 можноста за преглед. Имам некои идеи кои сакам да ги испробам наскоро и мислам дека ќе има прилика, но не смеам ништо да откријам. Кај нив се дава многу фокус на читливноста и регулациите поврзани со продавање на алкохол поради законите и примарно е потребно тие да се испочитуваат, а потоа доаѓа естетиката.
Финска има многу строги закони за алкохол и рекламирање (преку државниот монопол Alko и регулативите на Valvira). Дали некогаш ви се случило да ви одбијат или цензурираат дизајн затоа што бил „премногу забавен“ или привлечен за помлада публика? Како го решивте тоа?
Не сум имал таков проблем до сега. Петри со кого соработувам најмногу, до сега бил многу претпазнив со тој момент. Дури во последниот објавен дизајн каде што имавме доста провокативна сцена имавме доста голема дискусија околу тоа до каде можеме да одиме, не толку од законски аспект, туку од етички.
Кога купувачот стои пред рафтот со стотици крафт лименки, имате само 3 секунди да му го привлечете вниманието. Кој е Вашиот главен визуелен трик за Вашето пиво да победи во таа битка?
Па ова е доста интересно прашање затоа што јас таму сум странец и имам еден поинаков светоглед. Моето лично мислење е дека провокација и штрчење по секоја цена не е правиот пристап, затоа што тоа допринесува до еден дизајнерски хаос. Од тој хаос се одвојуваат оние дизајни кои припаѓаат на некоја култура или се по архетипски сработени. Бидејќи повеќето соработки ми се со пијалоци кои се сервираат кон гејмин публика, кое патем ми е полето во кое работам секојдневно по 8 часа, јас и не се трудам многу да направам нешто премногу поинакво. Во Cafe Boardgame нашите амбалажи привлекуваат внимание поради имињата и архетипите кои им се познати на публиката таму. Во маркетите пивата е малку потешко затоа
што во целиот рафт од нападни етикети, она што е по прибрано е она што штрчи. За маркетите амбалажите гледам да не се премногу шарени, туку да имаат добар контраст и да изгледаат добро кога ќе се наредат едно до друго, затоа што ретко ставаат по една лименка од едно пиво.
Моментално во крафт светот доминираат лименките (cans) над шишињата. Како вие како дизајнер гледате на ова? Дали платното од 360 степени на лименката ви дава повеќе простор за креирање.
Двете си имаат своја предност. Моментално работам повеќе на лименки периодов ми се допаѓа, но она што вистински ми фали е да сработам амбалажи за пиво кои нема да се квадрати или правоаголници, туку да се исечени со интересни форми со кои би можел да експериментирам со негативниот простор. За жал ова не е
практика со крафт пиварите бидејќи кошта многу повеќе за изработка бидејќи е екстра чекор.
Можете ли да споделите една етикета на која сте најмногу горди и да ни ја кажете приказната зад неа?
Berserker Blood Red Lager ми е една од амбалажите од кои сум доста задоволен. Причината за тоа не е некое уметничко откровение или дека е подобра од другите, туку затоа што ми беше прва лименка која ја работев и со неа имав огромна слобода. Беше уште едно дело брзо сработено, но некако доби доста шарм особено кога се испринта на метализирана хартија (за што не знаев дека ќе се случи). Илустрацијата е прилично агресивна, монохромна и да кажам дрска, што функционира доста добро на полица. Приказната беше дека сакаме да се оддалечиме од дотогашниот брендинг кој ни беше малку наметнат од претходните пивари, па рековме ајде да одиме со илустрација околу целата лименка наместо да додаваме црни површини како претходно. Тоа беше првата соработка со Salama Brewing, кои ни дадоа темплејт за прв пат, со текст кој мора да го има, локација за елементи итн. Прилично професионален пристап од нивна страна.
Дали ја следите македонската пивска сцена и што би препорачале на нашите пивари во поглед на дизајнот.
Ја следам активно и ме радува што се родија неколку крафт пивари, а и што се експериментира на фронтот на безалкохолни ферментирани пијалоци. Мислам дека тоа што фали на нашиот пазар општо е поголем избор на вкусови, продукти, а со тоа и амбалажи. Поголемите пивари веќе имаа неколку потези кои вклучија
уметници од нашата сцена, за кои сметам дека неколку беа одлични. Но крафт пиварите се за поголема пофалба, бидејќи некои од нив направија неколку одлични експерименти кои навистина вредат да се пробаат и да се произведат во поголеми количини. Некои од нив и имаат одлични графички решенија, далеку по
илустративни од она што постои на нашиот пазар, што го гледам како еден голем чекор напред. Она што би го препорачал јас е да се здружат со локални уметници, да дојдат до договор и да им дозволат да се изразат во свој стил и со своја фантазија. Да работат на лимитирани едиции и да ротираат уметници, наместо да
заглават со истите мотиви. Нормално, кога ќе пробијат нешто на пазарот да го повторат, но да не заборават да експериментираат и со вкусовите, и со естетиката. Последно – да не се плашат од нови идеи и нова естетика дури и кога нема да успее нешто како претходното. Како крафт пивари имаат извонредна шанса да испробаат мали уникатни серии кои би биле повеќе од пиво, а и би имале на нив уметност која
би била повеќе од само амбалажи.
Марјан КОСТАДИНОВСКИ
линкови:
