За Летонците, пивото е најчестиот и основен алкохолен пијалак. Меѓутоа, покрај пијалак, за нив пивото е и симбол за независноста, како национална, така и лична. За време на Советскиот Сојуз, пивоварството се сметало за своевиден мини-бунт против комунистичката власт којашто протежирала претежно вотка. Шетајќи низ Рига, на масите од рестораните покрај јадењата претежно се гледа пиво. Зад оваа пивопијска култура стои и солидна микропиварска сцена којашто имав привилегија барем делумно да ја искусам во летото 2024та.
Валмиермуижа (Valmiermuiža) – пивска амбасада во Рига.
Фамилијарна пивара од градот Валмиера со своја испостава… пардон, амбасада во Рига. Една од трите пивници кои се наоѓаат во објектите на старата пивара на град Рига. Удобно и топло место, со одличен избор на пива на точење, од кои најтопло го препорачувам пилснерот во чешки стил, особено освежителен избор за летните месеци. Овде за прв пат се сретнав со најпопуларното летонско пиво мезе, пржени ‘ржени лепчиња со лук, така-наречени Grauzdini кои се служат со сос од крем-сирење. Во Валмиермуижа се подготвуваат малку поинаку, потенки од обично, што додава до грицливоста.
Освен во пивската амбасада, пивата на Валмиермуижа можат да се најдат и во повеќето маркети и продавници за алкохол, како и нивните штанд на пазарот во Агенскалнс. За локалните љубители на пивото, Валмиермуижа е успешна приказна која што сеуште трае. Освен пиво, Валмиермуижа произведува и квас, безалкохолен или благо-алкохолен (2%) пијалок од ферментиран ‘рж.
Лабиетис (Labietis)
Пивницата на Лабиетис е во истата зграда како и пивската амбасада Валмиермуижа, старата градска пивара во Рига. За разлика од Валмиермуижа, каде што се цени традицијата и препознатливиот вкус, во Лабиетис пиварството се издига на ниво на експериментална наука или пак излет низ природата. Вкусовите кои што доминираат се природни, се удира на овошје и на див квасец. Апсолутна круна на изборот во е браготот (пијалок добиен од заедничка ферментација на мед и слад) од бронзеното време. Рецептот е смислен според остатоци од алкохолна пијачка пронајдени во гроб од Данска кој датира токму од бронзениот период. Вреди да се проба само ради тоа, иако на вашиот скромен дописник вкусот највеќе му асоцираше на пченични никулци, малце преблаг.
За попребирливите, се препорачува нивното одлично amber ale. Од локалните пивопијци дознаваме, меѓутоа, дека Лабиетис последните години бележи надолен тренд со квалитетот, особено откако ја има истиснато Валмиермуижа како најголемиот „микро“ производител на пиво во Летонија. Сепак, вреди да се посети, меѓу другото и ради младалачкиот, урбан амбиент и експерименталноста на самиот простор. За оние кои повеќе би сакале поинаква атмосфера, се препорачува да ја посетат тезгата на Лабиетис во Централниот Пазар во Рига.
Трофеја (Trofeja)
Паб со градина споен со самата микропивара, која е најмалата во цела Летонија. Многу од пивата на Трофеја не можат да се најдат на ниедно друго место. Да го погледне човек, ќе мисли дека се нашол во некој летниковец-ресторан на италијанскиот брег. Опуштена атмосфера на весели дрвени маси во дебелата сенка на стари дрвја.
Пивската постава на Трофеја цело време варира, од годишно време до годишно време, како и врз основа на тоа што се нуди во даден момент, меѓутоа секогаш има избор од точно осум пива на точење. Кога вашиот скромен дописник ја посети, повеќето пива беа од летната постава, со цитрусни вкусови. За беља, вашиот скромен дописник не е љубител на такви киселици, па не може објективно да коментира за квалитетот на истите. Единствено можам да го пофалам Very Rye Ale, многу ‘ржаното але кое што навистина си го заслужува името (многу е ‘ржано), додека за плакнење на уста од претходниот карневал на лебастост, го препорачувам Fat Yuri, дебел Јуриј, blonde ale со бурен карактер.
Трофеја вклучува и кујна каде што може да се нарача и нешто за грицкање, како и јадења што можат комотно да поминат и како полноправни ручеци.
Нурме (Nurme)
Уште еден двоец пивница-пивара, сместен во бивш индустриски капацитет. Главниот простор е старата фабричка хала, поделена на две, каде што едната половина е пивницата, а другата половина е пиварата. Релативно млад локал, каде што сеуште се чувствува оној ентузијазам на новоотворено место.
Ако патот ве доведе во Рига, задолжително мора да го посетите Нурме, а во Нурме, апсолутно мора да го пробате Pinefruit Forest IPA, ИПА со вкус на борови шишарки, или како што ми посочи барменот, на тие зелените што кога ќе пораснат стануваат шишарки. Шумата има огромно значење за Летонците во нивната култура, историја па и исхрана, и еве тоа е видливо дури и во пивото, бидејќи секогаш наоѓаат некој начин шумските мириси и вкусови да ги понесат со себе.
Вториот шумски вкус кој што не смее да се пропушти е Nuts Baltic Porter, портер со вкус на лешници. Малку мрсничко темно пиво за летниот период, ама убавината на летото во Рига е што температурата никогаш не надминува 28 степени, така што секогаш е портер време. Одлично за љубителите на темни пива, како на пример вашиот скромен дописник.
Нурме има само два недостатока. Имено, се наоѓа малку подалеку од градскиот центар и од другите пивници, а недостатокот на кујна значи дека изборот за грицкање им е ограничен. Меѓутоа, од сите наведени локали, нуди најдобра комбинација на опуштен и урбан амбиент, а понекогаш има и музички и други настани.
Лофтс (Lofts)
Се наоѓа на вториот спрат од бивши склад, над сервис за велосипеди. Простор за седење има и внатре, меѓутоа во лето апсолутно не смее да се пропушти терасата каде пирка пријатно ветренце.
Во Лофтс, вашиот скромен дописник имаше шанса да проба Mango Submarine, умерена и пријатна АПА, не многу хмељаста и освежителна. Меѓутоа второто пиво кое го пробавме, уште една АПА наречена Sea of Flames, произведена од Нурме, беше главната ѕвезда на вечерта. На изглед, личеше на густ сок од праски. Меѓутоа на вкус не дочека комбинација на хмељ и суптилни цитрусни ноти кои беа совршени за атмосферата. Пивце, балконче, вечерен ветар, ненаметлива музика и пријателски настроен персонал. Од персоналот разбравме и дека зимно време, во внатрешниот дел на Лофтс се пали огништето, така што атмосферата е сигурно одлична и во тој период.
Лофтс не е пивара. Освен пивата на помали производители, тука можат да се најдат и стандардните хитови на Лабиетис, Нурме, Трофеја и Валмирмуижа.
Валтерс & Грапа (Walters & Grappa)
Уште еден паб во склоп на старата пивара, малку подалеку од главниот комплекс. Атмосферата е поинтимна отколку во ближните локали и повеќе потсеќа на Трофеја. Декорот е, со еден збор, хипстерски. На ѕидот доминира слика од Хантер Томсон и Џони Деп, што вашиот скромен дописник на почеток мислеше дека се газдите, имено Валтерс и Грапа. Мебелот е старински а во подрумот има простор наменет за игри и приватни забави, вклучувајќи ја и Летонската варијанта на билијард – Новус.
Нашата посета ја започнавме со Cilpa Pale Ale, привлечени меѓу друго и од досетливата етикета на шишето. Мора да признаам дека му пријдов со малку предрасуди, бидејќи претходно го имав видено во супермаркет, ама се покажа како одлично але, без типичните непријатности на комерцијалните пива.
Продолживме со Sanslide, умерена и пријатна, не многу хмељаста ИПА која што не стави во опуштено расположение. Како што би рекле нашите стари, пивце за живце. Се поднасеќаше некоја блага цитрусност, но немаше ништо што би одвлекло влијание од одличниот вкус и шмек на самото пиво. По Sanslide, дојде време за бомбастично нареченото Tanker Sauna, што беше благо разочарување. Првата реакција ми беше „ИПА ко ИПА“, меѓутоа на втора голтка, се покажа како поводаста, погазирана и погорчлива од Sanslide. Иако нас не н и се допадна, Tanker Sauna е пиво за љубителите на тие параметри.
Не може да се зборува за Валтерс & Грапа ако не се спомнат нивните пржени лепчиња со лук, grauzdini, кои ги служат со крем од сирење, исто како во Валмиермуижа, со таа прибелешка што ги подготвуваат со стандардна дебелина. Најтопло препорачувам вашето пиво да го надополните со овие грицки ако патот ве наведе во Валтерс & Грапа.
Никола Џилвиџиев