Skip to content Skip to footer
Отворено: понеделник до петок од 12:00 до 20:00 часот
улица Максим Горки 25/4 1000 Скопје, Македонија
0 items - 0 ден 0

ПИВСКА ЕДУКАЦИЈА: Проверка на исправноста на термометрите

Карактеристиките на термометрите и сензорите за температура дадени во спецификацијата ќе ви помогнат во набавката на истите како и при нивните проверки.

Спецификацијата за еден термометар е дадена преку примерот на термометар со термопар сензор:

Мерен опсег: -50 °C до 250 °C
Точност: ±(0.5 °C + 0.3 % од измерената вредност) во опсег од -50 °C до +50 °C
±(0.7 °C + 0.5 % од измерената вредност) во останатиот опсег

Резолуција: 0.1°C во опсег -50 °C до +50 °C
Сензор TC (термопар) тип К класа 1: ±1.5 °C во опсег од -40 °C до +1000 °C
Од овие податоци можете лесно да ја пресметате точноста на целиот систем термометар+сензор која на пример за 40 °C би била:

0.5 °C + 0.3% x 40 °C + 0.1 °C+ 1.5 °C = 2.22 °C(или заокружено 2.2°C)

Ова значи дека ако измерите 40 °C вистинската вредност би требало да биде во интервалот од 37.8 oC до 42.2 °C.

Проверката на Вашиот инструмент можете да ја направите на едноставен начин. Се што Ви треба е сад за правење на мраз, мал термос, вода од чешма (подобро е дестилирана), кујнски блендер и еден сад за варење.

Направете коцки мраз од дестилирана вода. Остатокот од водата чувајте го во фрижидер. Коцките мраз искршете ги со блендер, ќе добиете густа водена маса како снег кога се топи. Ставете ја во термосот и додајте од студената дестилирана вода. Количината на водата која се додава е колку да се овозможи густата маса на плива во течноста и да биде по кашеста. Термосот ставете го во фрижидер 15 –тина минути. Сензорот вронете го во “снегот” и почекајте да се стабилизира вредноста. Вредноста на дисплејот треба да биде 0°C.

Во садот за варење ставете дестилирана или вода од чешма и зовријте ја. Термометарот во овој случај ќе покаже околу 100°C. Не очекувајте точно 100°C па дури и ако термометарот е нов или сте го провериле претходно. Температурата на вриење зависи од атмосферскиот притисок, па ако проверувате на поголема надморска височина точката на вриење на водата е пониска. Вака направената проверка е добар показател за исправноста на термометарот но не и целосен. Во пиварството термометрите треба да измерат температури на 40°C, 50°C, 65°C и др., што е во средниот опсег меѓу 0°C и 100°C. Со ваквата проверка не знаете дали термометарот ќе покажува точно на тие температурни точки. За прецизна проверка во целиот опсег на примена на термометрите во пиварството најдобро е проверката да ја направи специјализирана лабораторија преку постапката на калибрација.

Зоран Ѓуровски