Историски хмељот се користи околу илјада години. Прв пат почнал да се користи во Русија, меѓу 6 и 7 век, кога монасите во манастирите започнале да го додаваат хмељот во варењето на пивото и тоа и од „медицински причини“ и за подобро конзервирање. Се претпоставува дека во текот на 7 век, Словенските воени заробеници од Волга ја донеле во Баварија единствената билка која до денес е незаменливиот зачин за пивото. Употребата се проширила и во Манастирите по Централна Европа (првенствено на територија на денешна Германија и Белгија). Иако на почетокот, неговата примена наидувала на препреки, поради спротиставените интереси на трговците со грутот и отпорот во земјите во кои се произведувало пивото, денеска е невозможно да се замисли и нарече пивото како пијалок, без незначителен допринос на хмељот.
Првите податоци за засади на хмељ потекнуваат од 736 година од областа Халертау, Германија. Веста се проширила, за раниот Среден Век, со молневита брзина: триесет години подоцна хмељ се одгледува и во познатиот и влијателен манастир Сент Гал во Швајцарија. Првиот документ кој недвосмислено се поврзува пивото со хмељот потекнува од 822 година Бенедиктанскиот опат во манастирот, кој ги наведува и одредбите за собирање доволно количини на хмељ за производство на пиво. Манастирот Св Гал за кратко време стана првата и најголема Средновековна пивара.
Во 9 век монахињата Хилдегард фон Бринген, монахиња од Бенедиктанскиот ред, советничка на Римскиот Император Фридрих Барбароса, лекар и научник, во книгата „Physica sacra“ дава детален опис на значењето на хмељот, за зачувување на пивото и на здравјето на луѓето, редовно пиела пиво и живеела 81 година, што за тоа време било зачудувачки долго. Производството се проширило и на другите манастири, подеднакво за машките и женските. Освен тоа, уште од времето на старите Грци, познати биле и медицинските својства на хмељот: неговите плодови имаат наркотичко, анестетичко и седативно дејство, лечат несоница, зголемуваат апетитот и ја подобруваат сексуалната желба, со модерен јазик кажано: all in one.
Првите евиденции за употреба на хмељ во пивото во Англија биле во 1412 година и во тоа време Британците правеле пиво со или без хмељ. На 23 Април 1516 година, Баварскиот Закон за чистота на пивото „Reinheitsgebot“, го позиционирал хмељот како една од трите останати главни состојки за производство на пиво (квасецот уште не бил откриен во тоа време). Во 1710 Англискиот парламент ја исфрлил употребата на пивата без хмељ, со цел да се спречат пиварите да го избегнат новиот данок на хмељ. Така хмељот станал доминантен како состојка за горчина на пивото во целиот западен свет.
Извадок од необјавената книга „Пивски приказни – од зрно до чаша“