Здраво Дени, добредојде на Порталот Сакам пиво.мк. Како се чувствуваш денеска, расположен ли си за еден краток пивски разговор 😊 ?
- За пиво-муабет секогаш сум расположен. Особено со соговорник како тебе.
Може ли да се претставиш на нашата публика кој е Дени. По професија си музичар кој е активен во неколку музички проекти. Накратко ако можеш кои се проекти и каков пристап имаш кон секој од нив по што се разликува едниот од другиот.
- Како што велиш – работам на неколку проекти во последниве години. Некои од позабележителните се Fighting Windmills и Avadarxi Quartet, но главнината од музичкото делување во последниве неколку години ми е групата СВЕТЛОСТ, како и ансамблот Svetlost + Odron Ritual Orchestra. Проектите еден од друг се разликуваат по луѓето вклучени во нив, што само по себе носи различен пристап кон работата и различен краен производ (звук, нели..). Сепак, во последниов период намален ми е демократскиот капацитет во авторски поглед, што придонесе до тоа да ги ограничам дејностите во други проекти и да работам само со СВЕТЛОСТ. Таму начинот на работа е бескомпромисно водење на моите идеи, и идеите на моите најблиски соработници Нинослав Спировски и Кристијан Новковски. Помага тоа што тројцата сме ептен „сличомисленици“.
Колку реализирани изданија до сега имаш со секој од нив за овој твој краток период на музицирање? Со кои издавачки куќи најчесто соработуваш и колку си задоволен од нивниот однос кон твојот флексибилен, авангарден пристап кон музиката.
- Имам повеќе од 20 изданија, од кои 12 албумски. Скоро сите изданија се реализирани во соработка со една од три издавачки куќи – „Ако никој не свири“, „Шарла“ и „PMGJazz“, од кои со последната имам доста блиска соработка во последните три години. Сите издавачи со кој сум соработувал биле отворени за стилот кој го негувам. Повеќето од луѓето кои ги водат овие куќи се музичари или луѓе со добар музички вкус.
Каков е твојот став во односот на државата кон музичарите од твојот калибар. Имаат ли слух за музика? 😊
- Не сум нешто особено загрижен за тоа како државата се однесува со мене како музичар.
Живееме во време на пандемија и соочени сме со разни рестриктивни мерки, дистанца од социјализација. Како го доживуваш сето тоа и како успеваш да се заштитиш од пандемијата со оглед на тоа дека си опкружен со огромен број на луѓе.
- Носам маска во секој момент каде тоа е разумно да се прави, и пробувам да не заглавувам во гужви. Освен тоа, до сега имав среќа.
Од неодамна си активен и на музичкото радио КАНАЛ 103 со своја авторска емисија, какви теми и каква музика обработуваш во оваа емисија?
- Мојата директна поврзаност со Канал 103 е од 2012 година,но неколку години немав редовна емисија. Од минатото лето ја работам „Домашна работа“, емисија која се занимава со македонската музичка култура. Во моментов, и покрај сите технички потешкотии, радиото е во една ренесанса – пред се програмска, што се должи на една позитивна атмосфера меѓу сите кои се вклучени во реализација на истата.
Музичарите вообичаено се љубители на алкохол . Kој е твојот омилен пијалок 😊
- Наутро кафе, a кога свириме виски. Во секоја друга ситуација пиво.
E, тука те чекав 🙂 Како почна да се развива твојата љубов кон пивото? Кое е твоето прво пиво кое што си го пробал и како тоа го доживуваш од денешен аспект.
Искрено, е се сеќавам. Сигурно било Скопско. Немам сеќавање на моментот. Она на што се сеќавам е првиот пат кога ми се допадна пиво – точен Guinness, на 17 години. Брзо после тоа и Пива кои сега се лесно достапни, но тогаш ми беа врата кон цел нов свет. Од секогаш сум пиел пиво, ама од тогаш ми се допаѓа. И еве, во долга љубов сме.
Имаш ли некој конкретен музички стил кој би го спарил со некое пиво?
- Квалитетна музика оди супер со квалитетно пиво. Стилови може да се мешаат. Битно да се погодени.
Кои се твоите омилени пивски стилови воопшто и зошто баш тие?
- Битер. Во последно време претпочитам вкусни, но умерено алкохолни пива. Англиските стилови се баш такви. Иако, ми се менува расположение. Имам особен афинитет према белгиските пива, особено во стилот на Ја наоѓам убавината во секое пиво. Во некое повеќе од другите.
Познато е дека музичарите покрај тоа што се љубители, некои од нив станаа и производители најнапред на домашно пиво, па со тек на време и си развија свој бренд. Оваа рокенрол приказна почна од Брус Дикинсон од Ајрон Мејден со неговото пиво Трупер, па подоцна свое пиво исфрлија и бендовите како Металика, Моторхед, Њу Ордер, Меднес, Монти Пајтон итн итн. Колку што те познавам и ти се заинтересира за домашното пиварство. Од кога почна да се бавиш со ова хоби ки се твоите први впечатоци и импресии и што најчесто вариш.
- За домашно пиварство се интересирам неколку години, а поактивно почнав да се занимавам пред една година. Први впечатоци као први впечатоци – нешто испаѓа, нешто не – ама, дефинитивно вреди целата приказна баш за тие што испаѓаат.
Колку си задоволен од тоа до сега што го имаш „зготвено“. Тежнееш ли кон тоа да развиеш некој свој сопствен стил и ставиш сопствен печат на пивото (како и во музиката која што ја создаваш)
- Баш поради тоа што подолго време ми тлееше желбата, кога почнав влегов ептен „клизачи“ во приказната и во првите неколку месеци сварив преку 40 тури, во 20тина стилови. Како што реков и претходно – некои испаднаа, некои не, ама ништо не остана неиспиено. 🙂 Немам особена желба да развијам свој стил. Сакам само да ги усовршам тие неколку рецепти кои ми се допаѓаат. Повремено да пробам и нешто различно.
Зошто се „навлече“ на производство на домашно пиво, а не на вино кое што е дел од нашата традиција 😊 дали си подготвен да учествуваш на некој од идните пивски салони во организација на порталот сакам пиво после завршувањето на пандемијата.
- Се навлеков поради недостапноста на пива од англиски стил во слободна продажба, интересот кон самото хоби како хоби, и и задоволството од тоа да имаш нешто различно да споделиш со пријателите. . Различно пиво, нели. На вино не сум голем љубител.Ќе учествувам обавезно, само да имам нешто вредно за споделување.
Како започна со производство на домашно пиво, со каква опрема и дали планираш да ја надградуваш и прошируваш.
- Почнав вака, како што сум и сега. Како што може да се види на сликата – варам на шпорет, во обично тенџере. Ферментирам во кофи и буриња од пазар, на кои татко ми вгради пластични чепови и врењачи. Планирам наскоро да купам електричен казан со електронска контрола на температура, како би си го олеснал процесот на одржување на правилните температури. Со надеж за подобро пиво.
Разговорот го водеше:
Mарјан Костадиновски