Skip to content Skip to footer
Отворено: понеделник до петок од 12:00 до 20:00 часот
улица Максим Горки 25/4 1000 Скопје, Македонија
0 items - 0 ден 0

РЕПОРТАЖА: ПРЕГЛЕД НА СЛОВЕНСКАТА КРАФТ СЦЕНА

Кога ќе се спомене словенечко пиво, веројатно првата асоцијација е бескрајната дебата кое е подобро пиво: црвеното (Унион) или зеленото (Лашко). Оваа констатација не е далеку од реалноста за најголемиот дел од словенечкото население, но она што мора да се потенцира е константното зголемување на понудата на нови и поинакви стилови на пиво, покрај „досадниот“, индустриски лагер. Крафт револуцијата со сигурност ја има зафатено и Словенија, значаен производител на хмељ на глобално ниво, па буквално нови микропивари се појавуваат како печурки после дожд.

Производителите на пиво во Словенија (а и глобално), според количината на производено пиво, сезонската достапност и понудата на пазарот, може да се поделат во пет категории, и тоа: макропивари (добро познатите Лашко и Унион), микропивари (претставени во понатамошниот текст), цигански или номадски пивари (пивари кои обезбедуваат состојки, рецептура, амбалажа, но немаат свој производствен погон, па ги користат погоните на некоја од постоечките, најчесто микропивари), нанопивари (произведуваат помали количини на пиво во споредба со микропиварите, но сепак го нудат пивото на пазарот), како и домашни пивари (најчесто се составен дел од угостителски објект – пицерии, ресторани, фамилијарни хотели…). Можеби дека се значаен производител на хмељ и судејќи според стиловите кои се нудат, словенците се луди по високо хмељни пива, и тоа посебно India pale ale и варијантите на истата, па практично и нема микропивара која нема барем една IPA во својата понуда, а многу често и повеќе видови. За разлика од нив, домашните пивари најчесто нудат светол и темен лагер, но секако и тука има исклучоци. Покрај тоа, во Словенија се случуваат и многу настани на кои микропиварите ги нудат своите производи (бургер фестови, пивски фестивали и слично); се нудат курсеви за домашно пивоварство, постојат специјализирани продавници за пивски компоненти и пиварска опрема, а воедно и се одржуваат и специјализирани настани за промоција на пивската култура (за видовите на пива, производство, спарување со храна, оценување на пива и слично), придружени со дегустација на најразлични пива од домашно произвидство и увоз. Конечно, и понудата на пива е прилично импресивна, со повеќе увозници и дистрибутери на пиво од сите краишта на светот кои може да се најдат во поголемите маркети, специјализирани продавници за пиво, како и во баровите и рестораните, буквално низ цела Словенија.

Претставувањето на словенечките микропивари ќе го започнеме со најстарата меѓу нив, HumanFish Brewery. Оваа пивара името го има добиено според човековата рипка, еден од симболите на Словенија, која живее во пештерите во југозападна Словенија. Основана е во 2008 година од страна на Метју Чарлстворт, Австралиец по потекло, оженет со Словенка. Првично пиварата била стационирана во Словен Градец, а во 2012 година, откако во тимот се вклучува и Јаша Зидар, седиштето го префрлаат во Врхника, гратче во близина на Љубљана (а воедно и поблизу до човечките рипки). Како резултат на нивните активности се преку 10-ина видови на различни пива, при што во најголем дел од нив се употребува словенски хмељ. Во нивното портфолио може да се најдат следниве стилови: pale ale, amber ale, premium lager, stout, russian imperial stout, SIPA (словенечка IPA), session IPA….Сите стилови се достапни во точена варијанта, а некои се достапни и во стаклени шишиња. Минатата 2015 година, порталот RateBeer им додели признание за најдобра пивара во Словенија. Повеќе за оваа пивара на нивната ФБ страна: https://www.facebook.com/HumanFishBrewery

Следната пивара која ќе ја претставиме е лоцирана во Чрномељ, гратче во Бела Краина, јужна Словенија, регион кој е попознат по лозарството, винарските визби и неизбежниот Цвичек. Во тој контекст, не зачудува податокот што пиварата Визир, всушност започнала со работа како винарска визба. Сепак, после послабата побарувачка за вино во 2008 година, сопственикот на визбата Денис Имширович, заедно со сопругата Маја, одлучуваат да го прошират производството и на пиво. Познавајќи ги афинитетите и разбирањето на поимот пиво на локалното население, првото пиво кое го пуштаат на пазарот е очекувано – светол лагер. Постепено, во палетата на производи воведуваат и покомплексни видови и стилови на пиво, а со тоа вршат и своевидна едукација на локалното, но и на поширокото население за тоа што всушност претставува пивото. Во нивното портфолио се поместени повеќе стилови на пиво, добар дел од нив и експерименални пива, за кои е карактеристично тоа што се употребени природни состојки кои во моментот на производство биле достапни во природата. Така, кај нив може да се сретнат пива со вкус на мед, костени, лук, компир, грав… Со комбинација на знаење, природни состојки и технологија (братот на Денис се занимава со производство на пиварска опрема), имаат произведено над десетина видови на пива, и тоа: lager, porter, stout, American IPA, пченично пиво, strong ale….  Визир е значајна и по тоа што во нејзините погони се произведуваат пивата на повеќе од т.н. „цигански“ или „номадски“ пивари, како што се Maister Brewery, Varrish, Dr. Orel, Brew Revolt и други. Повеќе  за Визир на нивната веб страна: http://www.vizir.si/, како и на нивната ФБ страна: https://www.facebook.com/vizir.si

Кога ќе се спомене пијалок од Ајдовшчина, гратче во Випавска долина, Западна Словенија, веројатно првата асоцијација е на некој од соковите Фруктал. Но, во последно време, за љубителите на пиво Ајдовшчина е синоним за пиварата Пеликон, која првото свое пиво Pally од стилот pale ale, го пушти на пазарот кон крајот на 2013 година. Веројатно најпознато нивно пиво е the 3rd Pill (IPA стил), кое има добиено две сребрени медали, а во 2014 ratebeer го прогласи за пиво на годината во Словенија. Во Пеликон се фокусирани на квалитетот и на креативен развој на нови рецепти, а во своето протфолио, покрај споменатите pale ale и IPA (повеќе видови!), имаат и imperial IPA, stout, imperial stout… Најновата рецептура од Пеликон е пивото Енигма (IPA стил, се разбира), насловено според истоимениот тасманиски хмељ, кој е составен дел на истото, а овој хмељ е сам по себе „енигматичен“ заради богатството на ароми кои оценувачите на пиво, па и сите пивопијци најразлично ги проценуваат (ароми на манго, маракуја, бозел….). Слично и на останатите пивари, и пивата на Пеликон се нефилтрирани, непастеризирани и, како што велат самите, прават онакви стилови на пиво какви што и самите уживаат да пијат, а достапни се во стаклена амбалажа и на точење. На нивната веб страна http://www.pelicon.beer/  постои опција и за нарачка и достава на нивните пива (веројатно поштарината до Македонија би била преголема), а може да ги најдете и на нивната ФБ страница: https://www.facebook.com/Pivovarna.Pelicon

Reservoir dogs не е само име на култниот филм на Тарантино; за уживателите на хмељот тоа е и име на, слободно кажано, култната микропивара лоцирана во Солкан, населба до Нова Горица, на самата граница со Италија. Иако меѓу поновите, Reservoir dogs експресно се постави како една од најинтересните пивари кои нудат високо ароматични пива придружени со интересен концепт и дизајн на амбалажата. Така, нивниот почеток кон крајот на 2014 беше одбележан со серијата пива насловени како „4 јавачи на апокалипсата“ која во себе ги содржи Conqueror (lager), Warrior (pale ale), Grim Reaper (IPA) и Starvation (Black IPA). Токму Starvation е веројатно нивното најуспешно пиво, и истото е моментално на 5-то место на ratebeer во категоријата Black IPA. Своето портфолио подоцна го надополнија и со сезонско пиво, wet hop IPA, уште повеќе IPA, imperial stout и последното нешто од нив е single-hop IPA. Порталот ratebeer ги прогласи за пивара на годината во Словенија за 2015 година. Пивата на Reservoir dogs достапни се во стаклена амбалажа и на точење, а повеќе новости за нив на нивната ФБ страна: https://www.facebook.com/Reservoir.Dogs.brewery За жал, сеуште не е активирана нивната официјална веб страна: http://www.reservoir-dogs.beer/

Лоцирана во самиот центар на Љубљана, во просториите на поранешната печатница, Тектоник ја претстави својата пивска приказна на јавноста во август 2015. Покрај квалитетни пива, се чини дека на момците од Тектоник од големо значење им е и дизјанот, естетиката и воопшто, имиџот на самата пивара, што може да се забележи од амбалажата на нивните производи, стилските чаши за нивните пива, изгледот на нивните работни простории и сликата која за себе ја даваат во јавноста. Засега, нудат пет вида пиво (pale ale, IPA, india black ale, witbier како и сезонското coconilla stout, со ароми на кокос и ванила). Се разбира, и нивните пива се непастеризирани и нефилтрирани, достапни во стаклена амбалажа и на точење. Повеќе за Тектоник на нивната веб страна: http://www.tektonik.beer/domov.html  и секако на ФБ: https://www.facebook.com/tektonik.kraft.pivovarna

За микропиварата 1713, лоцирана во Кобарид, мало гратче под Алпите, во западниот дел на Словенија (инаку многу попознато по млекото и млечните производи) локалната историја изгледа дека е од огромно значење. Имено, во 1713 година се случила селанска буна на народот од Толминската регија, каде припаѓа и Кобарид, против локалниот свештеник кого го избркале од неговата парохија. Причина – барал да плаќаат дополнителен данок. Во тој контекст, и нивните пивски производи ги следат историските случувања од селанската буна, па имињата на пивата се: Rebellious peasant (темен лагер), Cheating tax collector (pale ale), Bloody executioner (IPA), Greedy emperor (imperial stout). Очекувано, овие описни имиња се пропратени со соодветен дизајн на амбалажата. Покрај нив, имаат и сезонско пиво од тиква (pumpkin ale). Пивата им се достапни во стаклени шишиња и на точење; засега немаат веб страна, а новитетите за нив може да се најдат на ФБ: https://www.facebook.com/Pivovarna1713

Hopsbrew е најмладата словенечка микропивара, која во почетокот на 2016 ги промовираше своите први 3 производи (pale ale, IPA и porter). Лоцирани се во околината на Домжале, а зад неа стои брачниот пар Болдирев, кои се всушност Руси и кои практично ја имаат пренесено пиварата од Русија во Словенија. Нивните пива, сварени од рацете на главниот мајстор Максим кој се има школувано на Институтот за пиво во Берлин се воглавно хмељно ориентирани, а покрај претходно споменатите, исфрлија уште неколку други стилови, како сезонска IPA, IPA со кора од портокал, ржена IPA… Од технолошки аспект, за нив е карактеистично тоа што употребуваат течен квасец, кој дава спрецифичен карактер на пивото. Пивата им се достапни во стаклени шишиња и на точење; засега немаат веб страна, а новитетите за нив може да се најдат на ФБ: https://www.facebook.com/pivovarnahopsbrew

Од Жировница, близу Јесенице, доаѓа пиварата Карниола. Посебно внимание обраќаат на изборот на состојките и употребуваат исклучиво словенечки хмељ. Во рамките на пиварата, која функционира од 2011 година, имаат и бар во кој може да се дегустираат нивните производи, а кои вклучуваат стилови како porter, stout, ESB, IPA, brown ale… Стаклената амбалажа на нивните пива е пропратена со интересни графички решенија на етикетите; покрај шишиња, пивата им се допстапни и на точење. За новитети од Карниола, посетете ја нивната ФБ страница: https://www.facebook.com/CarniolaBrewery

Пиварата Мали град е основана 2014 година во Камник, околина на Љубљана, од страна на младиот брачен пар Флоријанчич. Станува збор за пивара, која на прв поглед, не се експонира премногу на социјалните мрежи и која (сеуште) нема сопствена веб страна, но која цврсто и сигурно чекори во производството и понудата на повеќе квалитетни пивски стилови. Така, Мали град беше рангирана како трета најдобра пивара во Словенија во 2015 година, а воедно и нивниот pale ale беше рангиран како трето најдобро словенечко пиво за истата година. Во своето портфолио имаат и robust porter, hefeweizen, india pale lager, india red lager, IPA, imperial IPA наречена Girl from Ipanema, како и black IPA наречена Black magic woman. Сите нивни производи се достапни во флаширана варијанта, како и на точење. Повеќе за Мали град: https://www.facebook.com/pivovarnamaligrad

За крај на овој преглед доаѓа Bevog, пивара која географски и не е словенечка, туку австриска (се наоѓа во местото Bad Radkersburg, на неколку километри од границата со Словенија), но сопственикот Васја Голар, како и концептот се словенечки, а локацијата била одбрана заради бирократски бариери со кој се соочувал сопственикот, кога планирал да ги постави темелите на пиварата во Горња Радгона. Во Бевог се ориентирани главно кон пиво со горна ферментација (ale пива), при што нивната цел е истите да ги обликуваат по своја замисла, а не да се држат стриктно до воспоставените норми. Се чини дека при тоа се успешни, со оглед на податокот што пиварата го има зголемено капацитетот за четири пати од моментот кога е отворена во 2013 година. Досега имаат произведено над 15-ина различни пива, при што 6 од нив се дел од „постојаната“ понуда, додека останатите се дел од т.н. „Who cares“ едиција се достапни во ограничени количини и одреден период. Пивата од редовната, „чудовишна“ серија се препознатливи по интересните, имагинативни етикети, како и невообичаените имиња на пивата: Kramah (IPA), Tak (Pale Ale), Baja (Oatmeal Stout), Ond (Smoked Porter), Deetz (Kolsch), Rudeen (Black IPA)… Освен тоа, оваа година започнаа и со понуда на нивните производи во лименки, покрај стандардната понуда во стаклени шишиња и на точење. Повеќе за Бевог на нивната веб страна: http://www.bevog.at/ , како и на ФБ: https://www.facebook.com/BevogBrewery .

Специјално од Словенија за „САКАМ ПИВО“
Блашко Касапинов