Skip to content Skip to footer

ПРВАТА ПИВАРНИЦА ВО МАКЕДОНИЈА БИЛА ОТВОРЕНА ВО БИТОЛА ВО 1890 Г

ДАЛИ СТЕ ЗНАЕЛЕ ДЕКА: Првата пиварница во Македонија е подигната во 1890 г во месноста Буковски лозја, во непосредна близина на Битола. Пиварницата работела пет години кога поради недостиг на капитал, квалификувана работна рака и конкуренција од страна на пиварата во Солун престанала да функционира.

Кон крајот на XIX век во с. Магарево, Трново, се изградила нова пивара, но поради истите причини истата не била пуштена во погон.

Во литературата исто така се спомнува податогот дека во 1904 г работела фабрика за пиво во Битола, меѓутоа недостигаат податоци за техничката опрема, производството, работната сила и слично. За потребите на пиварницата од мраз било организирано производствтото на мраз во с. ореово.

БИТОЛСКА ПИВАРА

По двегодишна подготовка, реконструкција и модернизирање на производните капацитети, кон крајот на март 2010 г Пивара Битола повторно започна со продажба на пиво, кое изминативе месеци поминуваше низ процес на производство.

Во периодот од преземањето на фабриката во 2010 година до сега, за реконструкција се вложени повеќе од 10 милиони евра, од кои најголем дел во нова опрема која овозможува мониторирање и комплетно автоматизиран процес на производство, кој ги задоволува сите европски стандарди.

Реконструкцијата на фабриката се работеше по германски проект и сега Пивара Битола поседува сопствена котлара, ново одделение за подготовка на квасец, нова врвна опрема за третман на вода од светски познатиот германски производител Беркефелд, како и комплетно нова линија за производство на транспортна амбалажа. Исто така беше извршена зaмена на постоечката стара амонијачна и алкохолна цевоводна инсталација, а заради високо ниво на хигиената, заменети се и водоводната и пивоводната инсталација, односно цевоводите се комплетно заменети со 10.000 метри нови иноксни цевки и 3.000 метри хигиенски вар.

Моментално во Пивара Битола се вработени 80 луѓе, меѓу кои и двајца врвни технолози со 35 годишно работно искуство, а планирани се уште 20 нови вработувања. Предвидено е годишно да се произведуваат околу 30.000 тони пиво кои ќе бидат дистрибуирани во Македонија, како и во соседните земји.

Изградбата на Пивара Битола започна во 1970 година, а за прв пат беше пуштена во употреба во 1972 година кога беше во сопственост на ЗИК Пелагонија, која потоа се подели на шеќерана, квасара и пивара. Во период од две години пиварата беше во сопственост на Силекс. Во март 2000 година овој индустриски капацитет беше превземен од компанијата Кенри од Швајцарија, кога беше откупен државниот капитал од пиварницата. Од 2010 година таа е во сопственост на компанијата Марди од Радовиш, која ја купи фабриката на лицитација за 2 милиони евра.