Skip to content Skip to footer
Отворено: понеделник до петок од 12:00 до 20:00 часот
улица Максим Горки 25/4 1000 Скопје, Македонија
0 items - 0 ден 0

ПОСЕТИВМЕ ЗА ВАС: THE GARDEN BREWERY (ЗАГРЕБ – ХРВАТСКА)

 

Крафт револуцијата, која го зафати безмалку сиот развиен и помалку развиен свет, несомнено остава печат и во околните земји, каде како на филмска лента се нижат отворањата на новите пивари и промоцијата на новите пива од веќе постоечките. Ниту Хрватска не е исклучок од оваа револуција, каде во последниве две – три години драматично се намножија новите пивски капацитети, нормално, на големо задоволство за домашните, па и останатите пивољубци. И додека Пивовара Медведград е најстарата хрватска микропивара а Змајска пивовара можеби ги постави стандардите за модерната крафт сцена во Хрватска со нивните одлични пива, веројатно моментално најизвикана хрватска микропивара е The Garden Brewery.

За оваа пивара интересна е и приказната за нејзиното настанување. Идејата, имено, се зачнува од тимот на The Garden festival, и тоа од газдата Ник Колган, музички промотер од Бирмингем и поранешен студио менаџер на легендарните УБ40, кој повеќе години наназад живее во Хрватска. Во идејата добива поддршка од неговиот бизнис-партнер Дејвид Плат, уште еден хрватски англичанец, но во замислата им се јавува еден мал проблем: никој од нив, имено, нема никакво искуство со варење на пиво. Проблемот го надминуваат, нормално, со увоз на искусен пивовар, новозеланѓанецот Ник Калдер-Сколс, кој веќе има искуство во неговата матична земја и во Англија. Така, интернационалната екипа со помош на локална, хрватска сила се укотвува во индустриската зона на Загреб, во еден од хангарите ја нацртуваат идејата за пиварата, за да минатата, 2016 година, почне да тече пиво од точилниците на The Garden Brewery.

Целата опрема е од домашно, хрватско производство, со капацитет од 350 000 литри годишно и со можност, а и план за понатамошна експанзија. Една од особеностите на оваа пивара е што ниввните пива за малопродажба ги пакува во лименки, нешто што полека станува тренд во крафт индустријата. Се разбира, еден дел од производите ги пакуваат и во стаклена амбалажа, но сепак лименките се засега заштитен знак на The Garden Brewery. За нешто повеќе од една година постоење, The Garden Brewery исфрли преку 20-ина разни пива на пазарот, од веќе вообичаените и неизоставни Pale ale, IPA, stout, до citrus IPA, triple IPA, New England IPA, како и специјалниот портер со ванила и чоколадо. Покрај тоа, веќе имаат остварено и неколку колаборациони, заеднички пива, со пивари од странство (Англија, Данска…).

 

Тимот на The Garden Brewery е прилично вреден, па редовно исфрла нови стилови пиво, некои и во прилично ограничени серии, кои можат да се вкусат во нивниот tap-room во рамки на пиварата. Токму tap-room-от е веројатно еден од главните стожери на нивниот успех, бидејќи покрај одлично пиво, надополнето со вкусни бургери, можете да уживате и во разноразни музички случувања, кои се прилично чести на репертоарот, а неретко, tap-room-от се откупува за приватни забави, како на пример за свадби.

 

На крајот, топло ви препорачуваме, во случај патот да ве однесе во Загреб, да ја посетите The Garden Brewery и да ги вкусите нивните пива (во менито нудат и тејстери, доколку сте пивски ентузијаст и сте со желба да пробате повеќе различни пива), да ги комбинирате со сочен бургер и ако имате среќа, да начекате настап на некој DJ или свирка на некој бенд. Пред да ги посетите, проверете на нивната фејсбук страна за евентуален приватен настан, за да не останат вашите пивски желби неостварени. Eве на пример на 29 септември токму овде ќе настапи еден од најголемите и најпознати ДЈ и продуценти легендарниот Andrew Weatherall

Блашко Касапинов