Skip to content Skip to footer
Отворено: понеделник до петок од 12:00 до 20:00 часот
улица Максим Горки 25/4 1000 Скопје, Македонија
0 items - 0 ден 0

ПИВОТО НА СВЕТИ НИКОЛА – „Samichlaus“ OРИГНАЛНО ЕКСТРЕМНО СИЛНО ПИВО

Декември месец во Христијанскиот свет е исполнет со многу верски празници и домашни слави. Секако најголем и најзначаен од нив е денот на Свети Никола (не потценувајќи ги и другите ) , но дали сте знаеле дека постои и пиво инспирирано токму од неговиот лик и дело…

 

Насекаде познатиот и омилен лик на светецот Свети Никола, асоцира на добрина, дарежливост и широкоградност. Го почитуваат и љубителите на пивските специјалитети, не само поради тоа што Никола е еден од пивските патрони, туку и поради тоа што по неговото име се нарекува и најсилното пиво на светот и воедно многу скапо пиво, како да кажеме кајганата на Свети Петар. Станува збор за пивото „Samichlaus“ кое го произведува пиварницата Eggenberg од Австрија, пиво со многу куриозитетни факти од кратката, но бурна негова историја.

Всушност „Samichlaus“ не потекнува од таа пиварница, па дури ни од државата, почетокот на приказната на овој несекојдневен златен сок не води во 1836 година во Швајцарија, во местото Фелдбах, во општината Комбрехтикон. Доброситуираниот син на локалниот мелничар Ханс Хајнрих Хурлиман ја формирал семејната пиварница, нарекувајќи ја со неговото име. Неговиот син Алберт, кој пивскиот занает го изучил во Баварија, ја преселил во 1866 година пиварницата на пордачјето на тогашната општина Енге кај Цирих. Пиварницата била изградена на селскиот имот Кај Камениот Стол, на кој денес потсетува улицата наречена Steinentischstrasse. Пивото почнало да се прави една година подоцна, а благодарение на стројот за производство на мраз, можело да тргне и во масовно производство, па веќе во 1880 година Хурлиман станува најголемата швајцарска пиварница која со голема леснотија ги отстранувала малите конкурентски пиварници, купувајќи ги и интегрирајќи во свои претпријатија. Така во 1921 година завршила и втората најголема пиварница во Цирих, Ütliberg.

ПИВОТО НА СВЕТИ НИКОЛА

Значи пивото Samichlaus, се прави само еднаш годишно и тоа на 6-ти декември на денот на св Никола (католичкиот), но после ферментацијата не оди одма на пазарот туку одлежува во подрумите цела година и во пивницата и во локалите оди дури следната година. Со тоа пиво ХУРЛИМАН пиварницата потврдила дека настојувањата во квалитетот секогаш ќе бидат во прв план од нивното работење, а освен тоа добиле пиво кое е со 14 % алкохол, кое било најсилно пиво на светот во тоа време и како такво влегло во Гинисовата книга на рекорди.

Брајан Гловер во неговата Светска енциколопедија на пиво вели дека направиле “црвенкасто – сиво пиво, кое со својата високо алкохолна мешавина на коњак и средство против кашлање представува нежен напиток за пивкање и уживање пред да си легнете”. Книгата на рекорди и фамите кои од првиот момент ги следи ова пиво му донесоа светска слава. Преку ноќ ова пиво станува предмет на желба на пивските сладокусци и снобови, па се што ќе се појави на пазарот се продава веднаш, без оглед на пеколната цена (во Македонија тоа би било некаде околу 500 денари за шише од 0,33 литри) Но токму поради тие причини управата одлучува во 1997 година да се затвори пиварницата.

Поради, турболентните промени во пиварницата Хурлиман кои почнале уште во 1984 година, кога се обидоа да се спасат од опасната конкуренција на Ловенбрау Цирих АГ, купувајќи ја и превземајќи таа соседна пиварница. Пет години подоцна претпријатието се трансформира во Холдинг, а семејството Хурлиман се повлекува од бизнисот. 1996 година влегува во состав на холдингот Feldschlösschen, најголемиот конкурент на швајцарскиот пазар, и најголем тамошен производител на пиво, кој денес е во сопственост на данскиот Карлсберг. Година дена подоцна, 1997 згаснува производството во пиварницата Цирих Енге. Со тој акт е укинат и брендот Samichlaus, на кого оваа пиварница повеќе никогаш не се врати. Денес произведува само три марки – Хамер, Лагер и Стернбрау, од редот на обични светли пива со долна ферментација. Една од посебностите на пиварницата Хурлиман била користењето на минерална вода во процесот на производство на пиво. Во 1976 година бил откриен извор, многу богат со минерални супстанции, па работата била проширена и на пласманот на минералната вода Аква. Денес некогашната пиварница во квартот Цирих Енге нема никаква врска со пиво. Сега тој кварт се нарекува Хурлиман Ареал во рамките на кои се наоѓаат термални бањи, станови и деловни простории.

ОД ШВАЈЦАРИЈА ВО АВСТРИЈА

И покрај одлуката на пиварницата Харлиман да го напушти тој бренд, Samichlaus, не чекал многу долго на почетокот на новиот живот. Само три години подоцна, австриската пиварница Егенберг од Вошдорф, недалеку од Линц, успела да го откупи правото на користење на изворниот рецепт и на св Никола повторно почнало правењето на ова единствено пиво.

Пиварницата Schloss Eggenber е семејна пиварница, која повеќе од 200 години ја води семејството Forstinger-Stöhr. Инаку дворецот Егенберг, прв пат во историјата се споменува во 971 година, а од 14-тиот век во него се правело пиво исклучително за потребите на околните села. Уште од 1681 година овде почнува да се прават пивски специјалитети и по тоа оваа пиварница денес е една од водечките во Европа. Од 160 илјади хектолитри, колку што се прави годишно, поголемата количина завршува за извоз, а нивните пива се пијат во Азија, Австралија и Америка. Во асортиманот секако има и неколку класични лагер пива, но тоа што нив ги издвојува се пивата како што се Classic Märzena, Gold Special, Festbock или Urbock, се со 23 % слад и кои со посебната постапка се во чекор со Samichlaus. Интересно е дека наследиле уште едно пиво од швајцарскиот Хурлиман, по чија лиценца се произведува и безалкохолното Либеро, потоа Nessie кое го викаат виски меѓу пивата, Spirit of Hanf кое содржи коноп, Tiki пивска мешавина со сок, а Bockbierbrand жестоки на база на пиво.

Според оценките на порталот Beer Advocate, Samichlaus е деклариран како светло пиво и дека е doppelbock, со 14 % алкохол, силно карбонизиано, овошен вкус кој влече на малина, карамелизирано, одлично оди со десерт. Од ова пиво се произведуваат само 900 големи шишиња од два и три литри, од што голема количина завршива во Јапонија и Америка, а само двестотини шишиња во европските земји.

Денес ова пиво повеќе не е најсилно пиво, туку само едно од најсилните.

ЗОШТО ГО СЛАВИМЕ СВЕТИ НИКОЛА?

Но, да се вратиме на Свети Никола. Зошто баш тој е избран за Светец на чиј ден се прави овој специјалитет? Имено, во суштина специјалните пива по правило се прават пригодно, за празници, па целата таа пивска категорија се нарекува и божикни пива. Свети Никола е всушност идеален, бидејќи се слави на почетокот на Декември, во време кога почнува долгата сезона на слави и верски празници богати со дарувања. Освен тоа, тој е и еден од многуте пивски патрони, заштитник на производителите на пиво. Тој е Светец, кој со својата заштита покрива најголем спектар на подрачја. Штити од темнина, од разбојници, од грабежи. Патрон е на апотекарите, парфимериите, пекарите, градинарите, бродарите, морнарите, трговците со вино, велетрговците, младоженците, патниците, невестите, младенците, момчињата, децата, билкарите, судиите, невини и стари девојки, грешниците, верниците, сиромавите, просјаците, чистачите на кондури, школски деца и студенти. Свети Никола бил бискуп во Мира во Лиција и учествувал во 325 година на Првиот егуменски сабор во Никеја. Според народното верување, правел чудесии, меѓу останатите ја намалувал бурата во морето, па поради тоа за свој заштитник го одбрале и морнарите. Со својот благослов оздравил дете, па оттука е и неговиот глас за заштитник на децата. Умрел на 6 ти Декември, па затоа неговиот спомен ден е сместен на тој датум.

Најпозната легенда од неговиот живот е онаа за неговиот сосед, кој осиромашил, па не можел да ги омажи своите три ќерки. Никола скришум во прозорот ставил златници во крпа, па овој со тоа можел да го осугура миразот за својата прва ќерка, а тогаш тоа го повторил и за втората. Таткото на девојките по секоја цена сакал да дознае кој е таинствениот дарител, па му ставал заседи, бидејќи сметал дека ќе дадел пари и за третата ќерка. Но, Никола открил дека таткото на девојките го чека, па се предомислил, се качил на покривот и златниците ги пуштил по оџакот. Како на огништето се сушеле чорапи, златниците паднале во нив, па од тука доаѓа и обичајот дека за даровите на свети Никола се подготвуваат и чорапи, и верување дека тој даровите ги спуштал по оџакот. Иако се паѓа на 6 декември тој сепак се празнува во текот на целата година, со што ги заобиколува и добрите деца и дарува. Во Швајцарија и Австрија го викаат Samichlaus, во Германија Nikolaus, во Чешка Mikulaš, во Америка и на други места Santa Claus, а се појавува и под името Baba Chaghaloo, Father Christmas, Joulupukki, Kanakaloka, Kris Kingle, Piere Noel, Papa Noël, Weihnachtsmann, Djed Božićnjak, Djed Mraz итн.

Сите тие значи за време на Божик, па и пред тоа, ги развеселуваат не само децата, туку и пивопијците. И рушат стереотипитите за пивото како сезонски пијалок кој во лето ја гаси жедта, и потврдуваат дека пивото се пие и преку зима, и тоа не било какво пиво, туку вистинско задоволство за вистинските љубители на златниот сок

Наздравје и среќни празници.

Марјан КОСТАДИНОВСКИ