Skip to content Skip to footer

ИНТЕРВЈУ: ДИМИТАР ЈОВАНОВСКИ, КОЛЕКЦИОНЕР И HOMEBREWER

„ПРИПАЃАМ НА ОНАА ТЕМНА СТРАНА НА ПИВОТО“

Димитар Јовановски е едно младо момче од скопската населба Радишани, кое што има завршено на институтот за хемија дипломиран на тема: „Екстракција на масло од хмељ и негова анализа’. Моментално е на постдипломски студии во Естонија, долго време се занимава со колекционерство на пивски шишиња, а уште како студент започна да се интересира и за домашното производтство на пиво.  Заедно со Горјан Дуковски, се иницијатори на неофицијалната организација БУМ – или BEER UNDERGROUND MACEDONIA која има за цел промоција на пивската култура во Македонија. Повеќе во интервјуто кое следи.

Здраво Диме, најнапред кога и како започна твојата страст кон пивото ?

Уште во средно си знаев дека уживам во освежувањето со ладно пиво, кое секако претставуваше светло пиво достапно во секоја локална продавничка. Откритието на некое пиво од поинаков стил претставуваше револуција. Вистинската страст би рекол дека започна со средношколската екскурзија, во која беше вклучена Чешка, една од главните пивски дестинации во светот.

Кое е првото пиво кое што си го пробал надвор од Македонија?

Тоа би било Никшичко пиво, на одмор во Црна Гора. Иако имав само 12-13 години ми беше дозволено пиво во мали количини. Тука всушност и беше првото откритие дека пивото не е само светло, туку постои и темно, ама во таа рана фаза воопшто и немав размилувано за тоа.

Како голем љубител и вистински „пивопија’ што би рекле, кој сеуште нема пивски стомак- кој е твојот омилен пивски стил?

Најпрво за пивскиот стомак морам да речам дека е во спора, но сигурна изградба. Што се однесува до пивските стилови дефинитивно и припаѓам на темната страна. За мене идеална пивска земја е Белгија без двоумење. Во поглед на стилот, доста тешко прашање, но би се одлучил за белгиските трипл и квадрупел.

Како би ја оценил моменталната ситуација со пивската сцена во Македонија ќе не биде или не .) ?

Состојбата е далеку од напредна ако споредиме дури и со регионот, но доколку споредиме со само неколку години порано имаме подобрување. Отварањето на помали пивари кои сакаат да конкурираат на пазарот со иновативни идеи си има свој придонес и покрај тоа што не станува збор за craft пивари. Тоа е типот на пивари што ни е потребен, но пред тоа алката што недостасува е homebrew продавница за материјали и опрема. Со вакво нешто пивската “револуција“ драстично би се забрзала. За тоа како пример секако ќе ја наведам Естонија која започнала со една локација од овој тип и во рок од само 3-4 години е стигната до тоа да има повеќе од 30 регистрирани craft пиварчиња.

Како фан на пивото те познавам и лично и како колекционер на пивски флаши, и зошто токму флаши, а не чаши (како јас на пример) или етикети, тапи, подметачи и сл имаш ли некои посебни правила за колекционерството и што претставува тоа за тебе?

Мојата колекција всушност започна со лименки, имено 23-24 лименки кои си ги донесов дома како сувенири од горе споменатата екскурзија. Со текот на времето флашите во голема мера ги надминаа лименките, а имам и по нешто од останатите работи. Сепак флашите и лименките си остануваат како приоротет бидејќи на нив имаме и одредени информации за самото пиво. Како правило во ова хоби е дека мора да го имам пробано (барем половина од лименката/флашата) пивото за да влезе во колекцијата.

Од кога се заинтересира за домашното пиварство и што те навлече на ова убаво хоби – професија, можност за експериментирање на вкусови или нешто сосема трето?

Градењето на колекцијата и просветлувањето со сите тие варијации на стилови и вкусови прерасна во поголема љубов кон овој еликсир и евентуално во инспирација да и јас се обидам да направам нешто такво. На почетокот предизвикот беше да направам нешто што би можело да се нарече пиво и некако би се испило, но со надоградба на знаењето и стекнување искуство на експериментирањето му нема крај.

со Трајче Митревски (гитаристот на К.У.Р. и производител на првото рокенрол пиво во Македонија КУРАЈБЕР) и марјан Костадиновски (екс Пивотека, и автор на порталот „Сакам Пиво“)

Еден си од иницијаторите на основањето на БУМ –BEER UNDERGROUND MACEDONIA која е идејата, главни активности и цели и концептот на оваа неофицијална невладина организација?

Кога јас лично започнав со правењето пиво целата таа идеја изгледаше невозможна. Недостаток на материјали, опрема, информации, луѓе кои ти кажуваат дека нема шанси тоа да успее…апсолутна демотивација во секој поглед. Идејата на BEER UNDERGROUND MACEDONIA беше едноставно споделување на она што го имаме постигнато и да понудиме помош и мотивација на секој што некогаш помислил да се бави со ова хоби. Секако тука се приклучија и луѓе со искуство што значеше и многу новости и за нас, секако и подршка да продолжиме и напредуваме. Во секој случај верувам дека имаме помогнато на солиден број на луѓе и придонесено кон ширење на пивската култура.

„Радишани Хилс“-домашното пиво на Димитар

Што лично мислиш за пивските мешавини кои беа хит изминатата година дали долгорочно ќе се задржат на пазарот или ќе останат како mainsream пијалоци. и кај нас се зафати тој тренд на радлер пива, пиво со цреша и слично.

Си имаат и овие пива улога во разновидноста на пазарот. Според мене не станува збор за нешто со голема вредност и квалитет, но се надевам дека претставуваат охрабрување за конзументите постојано да пробуваат нешто ново. Ако љубопитноста постојано расте евентуално луѓето ќе се решат и да потрошат малце повеќе за пиво, што често знае да биде неопходно за поквалитетните.

Моментално си во Естонија на постдиполомски студии. Како би ја опишал тамошната ситуација и развој на пивската култура, дали и таму продолжуваш со активностите околу домашното пиварство?

Секако дека продолжувам со пиварството, за некои од рецептите објавував и на BEER UNDERGROUND MACEDONIA. Инаку сместен сум во студентски дом, а сепак е полесно остварливо домашното пиварство-има продавница за опрема и материјали и се што ми треба е достапно таму. Естонија доживува пивска револуција, секој месец може да се очекува да се појави нова микро пивара. Истите тие луѓе се бават и понатаму со домашното производство и се многу достапни за ширење на ова хоби. Последниот петок од месецот имаме пивоварски средби со дегустација на нашите пива и дискусија за истите. Секои 3 месеци се одржува пазар на домашни пива каде што практично може и да се заработи.

Поздрав и порака за македонските љубители на пивото

Луѓето кои велат дека не се љубители на пиво едноставно не пробале доволно различни типови на пиво. Оние кои се љубители размислуваат и за правење свое, стојам на располагање на секој што му е потребна помош околу тоа.

Марјан КОСТАДИНОВСКИ