Skip to content Skip to footer
Отворено: понеделник до петок од 12:00 до 20:00 часот
улица Максим Горки 25/4 1000 Скопје, Македонија
0 items - 0 ден 0

НА ПИВО СО: ЗОРАН ЃУРОВСКИ И НЕГОВАТА „СТАРА 5КА“

Зоран Ѓуровски, од Скопје, 46 год, електро инженер, оженет со Ирина, две деца Марко и Стефан, работи во Фармахем Сервис во одделот за индустрија и лабораторија за калибрација. Со производство на пиво се занимава од пред една година. Прочитајте ја неговата приказна

,

Кога започна со домашното производство на пиво и што те натера на тоа?

Со производство на домашно пиво почнав пред 1 година, а речиси 1 год претходно набавив опрема за почетници, читав книги и пребарував на интернет. Првите две пива беа од пивски комплет кит, ирски стаут и ИПА. Со тоа ги научив двата најважни дела во производството, чистењето и ферментацијата. Потоа преминав на следните чекори, готов екстракт и варење со додавање на хмељ, па partial mashing (дел зрно, дел екстракт) за да пред 1 месец направам вистинско пиво од цело зрно со BIAB метода.

– При едно мое службено патување во Германија пред 10тина години пробав weiss пиво кое ми остави силен впечаток. Беше поразлично од тие што дотогаш ги пиев, индустриски лагер пива од МКД и регионот. За жал неможев да гo најдам поблиску од Софија. Пред две години ги пробав пивата во пивница Темов и тогаш си го поставив прашањето можам ли јас да направам пиво“. Под силните впечатоци од нашата прва крафт пиварница истиот ден го поставив прашањето на google how to make beer… и така се започна…

Што најмногу те мотивира? Зошто се определи за пивото, а не вино или ракија на пример?

Ако кажеш дека вариш ракија или правиш вино, во Македонија не е ништо невообичаено. Но, кога ќе кажеш дека правиш пиво тогаш сите се чудат и сакаат да пробат од твојот производ. Пивото е многу поразновидно од виното, неброени варијации и вкусови. И не само тоа, пивото е за дружба, сите велат ајде да одиме на пиво (а, не на вино), а тоа е мотив повеќе.

Каде произведуваш? Во домашни подрумски услови или сакаш и на отворен простор?

Произведувам дома, во кујната. Сеуште немам прилагодено посебен простор. Можеби и така е поинтересно, но сепак сметам дека треба да имам посебна просторија за тоа.

Каде се одвива ферментацијата?

Имам два мали ферментори и не е никаков проблем ферментацијата да биде во спалната соба каде температурата е најдобра за тој процес.

Дали си склон кон дизајнирање на сопствена опрема по свој вкус или одиш на готови решенија?

Во моментов имам основна опрема која постојано ја надополнувам, работата си кажува што треба да набавам. Би сакал да направам свој дизајн на опрема бидејки како електро инженер долго време се занимавам со автоматски процеси и мерење на физички параметри. Мислам дека нема да имам проблем да дизајнирам своја опрема, процесот ми е веќе познат само ми треба уште малку слободно време.

Со што капацитет располагаш во моментов и каков тип на опрема?

Располагам со основната опрема за производство на пиво во домашни услови: лонец од 30 литри, два ферментори од 30 литри, еднорачен затворач за шишиња, чистач за шишиња, полнач, четка и хигрометар. При едно варање можам да направам 20 литри готов производ.

Кои се твои омилени пивски стилови кои сакаш да ги произведуваш и конзумираш и зошто токму нив?

Приказните за потеклото на пивските стилови, па макар и да се легенди, ме тераат да пробам одредени стилови, како Портер, ИПА, Стоут, WEISS светло и темната варијанта – dunkel, Димено пиво, Допелбок, Келер…и всушност наброените ми се најомилени за консумација. Со задоволство зборувам за нивното потекло кога ги пијам. Би сакал и да ги произведам истите.

Мотив за името на домашната пиварница.

Името на пиварницата (ако може да се каже дека е пиварница) е поврзано со населбата во која живеам Ѓорче Петров. Сакавме да дадеме имиња на пиварницата и на произведените пива који се поврзани со работи карактеристични за населбата. Имавме многу предлози во семејството.

„Зора 1060“ името на пиварницата потекнува од „Социјалистичка зора“, старото име на улицата каде живеам и секако позната улица во Ѓорче, а 1060 е поштенскиот број за населбата.

Првото мое пиво од стилот American Pale Ale го нарековме „Стара 5ка“. Во минатото последната станица на овој автобус беше токму на споменатата улица.

Кои се твоите очекувања во идниот развој на домашното пиварство во Македонија?

Забележувам дека се повеќе консументи на пиво со воодушевување зборуваат дека пробале пива поразлични од тие што се нудат од Македонските пиварници. Минатиот собир во Кашмир кафе беше изненадувачки за мене, а потоа се сретнав со пријатели кои сакаат да пробаат нови пива па дури и да направат свое пиво. Порталите како Сакам пиво, првата крафт пиварница Темов, новите пивници во Скопје со увозни пива придонесуваат за промена на пивската култура и заборавање на митот Виното е за Боговите, а пивото за сиромаштијата. Сметам дека нагорната линија на развојот на културата на пиење на пиво ќе се преслика и на домашното пиварство и за кратко време очекувам поголем собир на производители и отворање на мали пиварници низ МКД.

Како гледаш на перспективата за регистрирање на малите домашни производители.

Многу е важно да се променат законите и овозможи развој на мали пивари исто како винариите. Ако има законски олеснувања, ќе има развој, конкуренција и подобар производ. Семејните пиварници би вработувале технолози, инженери и ќе го поттикнат школството на тие кадри и секако повеќе вработувања во приватниот сектор. Јас би отворил мала пиварница па макар продавал и во населбата, во локалните маркети. На пример пиво од некоја област во Германија може да најдете само во таа област, го нема на друго место. Затоа сметам дека регистрирањето на малите домашни пиварници е перспективно и профитабилно.

Според тебе дали ти се допаѓа моменталниот развој на пивската сцена во Македонија, односот на големите компании кон развој на пивската култура и самите локали кои би требало да ја спроведуваат истата.

Реков дека пивската култура има нагорна развојна линија, но сеуште е на ниско ниво во споредба со околните земји како Бугарија и Србија на пример. Кога некој сеуште пие пиво од шише во локал или кога ќе слушнете дека странските пива се тешки и не се за нас тоа сé ви кажува.

Локалите имаат превисоки цени на увозните пива, на пример Weihenstephaner 0.5 l во локал во МКД е 250 ден, а во Софија е 150 ден. Затоа кога ќе влезете во некој од нашите пивски барови (кои ги има само неколку) да не ве чуди што при толкав избор на пива (од кои многу крафт) некој пие некое наше индустриско пиво.

Индустријата има голема можност да се развива и да ги следи трендовите, но сметам дека тапка во место и негативно влијае на развојот на културата на пиење пиво кај нас. Прилепскиот фестивал на скарата и пивото се симна на најниското ниво годинава. Наместо да привлечат пиварници од странство, домашни увозници на пиво и да овозможат неколку штандови за домашните производители, организаторите се радуваа на само три пиварници и тоа го нарекоа пивски фестивал.

Срамно е што досега некоја индустриска пиварница од МКД не произведе пиво различно од лагер. Пиварниците се опремени со модерни инструменти и опрема и верувам дека технолозите имаат можност да експериментираат и создаваат нови типови следејќи ги на тој начин модерните текови. Со задоволство дискутирам за пивото и стиловите со стручни лица од лабораториите, но забележувам слаби познавања од областа на пивските стилови, историјата на пивото и пивската култура, а не сум сретнал досега некој што дома прави свое пиво.

Кое е твое домашно македонско омилено пиво?

Омилени ми се пивата од пиварницата Темов, ИПА, Чадено, Вајс, Портер и Стаут.

Ако со прашањето мислевте на индустриските пива, немам некој фаворит и сметам дека изреката на авторот Марти Начел дека сите индустриски пива се исти само различна е рекламата, сосема одговара за нашите индустриски пива.

Најдобро ми беше Златен даб темно се до моментот кога случајно прочитав дека е произведено во Германија (напишано со ситни букви) и тогаш се разочарав дека не е наше.

Македонско пиво ми остави впечаток на последниот пивофест во Прилеп.

Кое е твое омилено увозно пиво?

Paulaner Salvator, Weihenstephaner weiss, O’haras и Guiness.

  1.