Skip to content Skip to footer

ЗА ПОРТАЛОТ „ПОЛНА ЧАША“ МАРЈАН КОСТАДИНОВСКИ: „ПИВСКАТА КУЛТУРА ЈА ГРАДИМЕ СИТЕ ЗАЕДНО“

Превземено од порталот „Полна чаша“ на Пивара Скопје.

Утре ќе се одржи долгоочекуваниот голем пивски настан – „Сакам пиво“ ден + „Крафтинг пивски салон“, пивска забава на отворено во еден ден. Учесник на овој настан ќе биде и Пивара Скопје со своите препознатливи пива, а оние што ќе дојдат ќе имаат можност да пробаат и различни пива од регионот. Која е целта за организирање на еден ваков настан и кои се вашите очекувања?

„Сакам Пиво“ ден е замислен пред се како прво јавно промовирање на порталот сакампиво.мк, по повод 5 години од неговото постоење, портал кој ентузијастички без некој бенефит се грижи за промоција на пивото и пивската култура во земјава, но и поттик и поддршка за домашното производство на пиво од хоби, кое што е толку многу популарно насекаде, но не и кај нас. Токму тоа е и насловот на вториот дел „Крафтинг пивски салон“, идеја и концепт кој започнав да го развивам од пред две години со настани во Битола и Скопје. Тоа беа првите пионерски обиди со една цел – да се раздвижи пивската сцена кај нас и да се поттикне производството на пиво во домашни услови, токму онака како што историски и почнало да се прави пивото во старите времиња. Досега за слични настани имало голем интерес и затоа овој пат се определив за поголем простор, платото пред Куршумли Ан. Ќе учествуваат домашни производители на пиво, но и увозници на суровини, опрема и секакви инструменти потребни за да се започне со ова интересно хоби. Поканивме и пиварници од Хрватска, Чешка, Грција кои промотивно ќе настапат кај нас. Секако ќе има и внимателно селектирана храна, како и квалитетна музичка програма. Влезницата е симболична со тоа што посетителот добива брендирана чаша од настанот која може да ја користи за дегустација на пивата, но и да си купи некое пиво што ќе му се допадне. Целта е да се пробаат што повеќе различни стилови на пиво, да се разбијат митовите дека пивото е едноличен пијалак. Секако и Пивара Скопје ќе биде присутна на овој настан каде посебен акцент ќе се стави на Скопско нефилтрирано пиво. На сите учесници им порачувам да веруваат во својата идеја, а ваквите настани се идеални за промоција на производот и негово претставување на потрошувачите, и секако влијае на пивската култура во позитивен правец.

Каква е според вас пивската култура во земјава?

За разлика од пред околу 15 години, кога пивската култура се уште беше на своите почетоци, состојбата денес е далеку подобра. Во тоа време некои го сметаа пивото како пијалак кој се пие само во летните денови за освежување и не му даваа некое посебно значење. Популарни беа два типа на пиво „светло“ и „темно“. Денес е најдоброто време во историјата за да се стане сериозен љубител на пивото. Но, во исто време и најконфузен период поради огромниот избор на стилови и вкусови, кој е се пософистициран. Секоја едукација ни носи напредно познавање за пивото, со што се очекува во иднина уште повеќе да се цени. Со порастот на квалитетот на живот, се променија навиките на потрошувачите и нивните потреби. Потрошувачот денес бара нешто ново, интересно и егзотично. Се повеќе се зголемува бројот на нови мали пиварници, со поинаков начин на подготовка на пивото, а во меѓувреме и поголемите постојано ја прошируваат својата палета на производи.

Минатата година Пивара Скопје организираше настан „Недела на пиво“ за пивска едукација, на кој беа претставени предизвиците на пивската индустрија, уметноста за правење пиво, како и начинот на сервирање на пивото. Колку се значајни вакви настани за држава како нашата каде консумацијата на пиво по глава на жител е меѓу најниските во Европа?

 Производството на пиво не е само правење на пиво, туку многу повеќе од тоа, цела наука, креативност и уметност. Пивската индустрија постојано се менува и секогаш ги следи трендовите на новата генерација. Постојат милиони разни вкусови и стилови и сето тоа бара соодветна едукација со цел најдобро презентирање на пијалакот. Овие настани и начини на презентација на пивото се особено потребни, не само за пиварницата, туку и за локалот, купувачот, туку и за потрошувачот. Секое пиво, со секој негов стил си бара соодветна чаша и верувајте сосема е друг вкусот кога ќе го консумирате правилно сервирано. Во европските држави за оваа дејност одговорни се пивските сомелиери кои на сцената се појавија во последните десет години и благодарение на нив, пивото почна да се цени и третира речиси на исто ниво како и виното – да се служи со соодветна храна, во соодветна чаша, па дури се оди и дотаму што се формира и посебна пивска карта, односно пивско мени. Уште сме далеку од оваа култура, но верувам дека ако продолжиме со вакви настани и активности, на добар пат сме.

 Што треба да се преземе за да се промени ваквиот тренд и перцепцијата за пивото?

 Медиумски многу малку се застапени темите за пиво, а има толку многу да се пишува и зборува. Освен соработка со разните надлежни институции, потребна е поголема соработка и меѓу самите пиварници.

 Колку е важна одговорната консумација на пиво?

 Секогаш сум бил поборник на идејата да има што повеќе нови брендови, како локални така и увозни, и простор да се даде на сите. Се повеќе треба да се зборува за бенефитите од неговото консумирање, особено кога станува збор за Б витаминот кој го содржи. Секако сите потрошувачи, особено младите, да внимаваат да консумираат одговорно, во умерени количини. Асоцијацијата Brewers of Europe од Брисел, редовно организира разни трибини и семинари на кои се зборува токму за одговорното консумирање, при што на годишно ниво издаваат брошури од тековните истражувања.

 

Во подготовка е книга за пивската култура во Македонија, која е прва од ваков тип. Како се роди идејата за создавање на едно вакво дело?

 Од 2007 до 2017 година бев надворешен соработник во специјализирани магазини за угостителство, „Баркод“ и „ИнХорека“ каде што редовно пишував текстови за пивото. Одлучив да ги спојам сите текстови во еден фајл и произлезе материјал од околу 150 страници, цел докторски труд. Ги ставив сите тие фајлови во еден документ и решив да ги средам и уредам во книга. После 5 години работа, со неколку корекции и измени, откажувања, конечно оваа година го завршив текстуалниот дел со околу 300 страници и кој многу се разликува од првобитниот и одлучив да го издадам. Планирано е промоцијата да биде на 2-ри ноември за кога е договорен и вториот настан планиран за оваа година „Крафтинг пивски салон“ во МКЦ. Книгата е со работен наслов „Во светот на пивото – Пивски приказни“. Во однос на содржинскиот дел опфатен е историјатот, потеклото и развојот на пивото и пивската индустрија од антиката до модерните времиња, осврт на индустријализацијата и посебно денешниот аспект на крафт, односно занетчиското пиварство. Има дел за пивската индустрија во земјава каде преку разни истражувања се опфатени интересни приказни и архивски материјали од сите наши активни и неактивни пивариници и брендови, осврт и приказна на основните суровини од кои се прави пивото, технологијата на производство. Направен е преглед и на најпознатите пивски стилови, техниките на служење на пивото, историските чаши и денешните модерни пивски чаши. Книгата содржи мал водич за комбинирање на пивото со храна и посебната категорија на пивски сирења. Опфатени се и пивските приказни за влијанието на пивото врз уметноста, музиката, литературата, политиката, а има дел и за умереното консумирање на пиво и други интересни детали. Пишувана е на едноставен јазик, прифатлив за секој читател. Сите овие теми прават ова да биде една интересна материја која што би требало да биде присутна во секој дом. И покрај сите убедувања дека денес се има на интернет, сепак со сиот мој ентузијазам, страст и љубов, одлучив да го реализирам овој проект.

Вие сте голем пивски љубител, кој тип на пиво ви е омилен?

 Повеќе би рекол пивски познавач (beer connosieur) или дегустатор. Оние кои ме познаваат знаат дека не пијам пиво од големи чаши, туку ги практикувам помалите чаши за дегустација. А како стил посебно уживам во темните пива, но знам да се насладам после возењето велосипед и со некое не премногу ладно лагер пиво. Љубител сум на АПА (Американски Пале Але), ИПА (индиа пале але), а посебно омилени ми се белгиските и германските димени пива.

Од 2005 до 2015 година менаџиравте со познатата „ПИВОТЕКА“ во Скопје која беше првата специјализирана продавница во Македонија за увозни специјални пива и уникатни чаши. Која беше приказната зад оваа продавница и зошто повеќе не функционира?

 Со многу емоции и носталгија ќе ви ја раскажам и оваа приказна. Како специјализирана продавница, освен увозни специјални пива, се трудевме да има се што имаше на пивскиот пазар во тој момент, а посебна почит имавме и кон нашите локални пива. Па така конкретно од Пивара Скопје, кај нас можеше да се најде и лимитираната серија од легендарното пиво „Стар Лисец“ и тоа токму онаа серија која беше наменета за извоз, потоа првата промоција ја имаше и пивото на тогашната генерација „Силвер Мун“, како и сите останати локални пива кои беа присутни. Инаку приказната за Пивотеката започна пред се како веб сајт со он – лајн продажба со само 12 пива тогаш, но со оглед на тоа дека во 2005 година таквата шопинг – култура се уште не беше доволно развиена кај нас, се одлучивме и за физичка продавница, за која се потрудивме да донесеме и други пива. Во тој период имавме околу 100 – тина различни стилови и брендови од Белгија, Германија, Јамајка, Канада, Холандија, Англија, Ирска. Идејата за ваква специјализирана продавница беше да понудиме еден интергалактички избор на пива, нешто што во тоа време кај нас беше ново, специфично и поинакво од она што можеше да се најде тогаш по продавниците, а до секое пиво стоеше неговата соодветна чаша. Се фокусиравме на малку познати брендови, но врвни и светски пива, кои не ги нудевме по ресторани, продавници и кафетерии и покрај тоа што ги бараа и се фокусиравме само на приватните купувачи. Продававме пива кои чинеа и до 800 ден за 0,33 литри шише. Увозот и набавката на пиво беа навистина проблематични, бидејќи беше навистина тешко да се стигне до тие мали белгиски пиварници за кои малку се знае, но се многу ценети кај познавачите. Затворањето на продавницата беше неизбежно, па така подоцна произлезе порталот sakampivo.mk.

 

 Вие сте и акредитиран интернационален судија/дегустатор на European beer consumption Unit. Што за вас претставува добро, квалитетно пиво?

 Пред да преминам на вториот дел од прашањето би сакал да објаснам нешто и околу тоа што значи да си судија, односно дегустатор. Во февруари оваа година бев поканет да учествувам на манифестацијата Birra del Anno, во интернационално жири од 120 судии од целиот свет, на настан на кој се бираше италјанско крафт пиво на годината. Оваа манифестација на која беа пријавени 41 категорија на пивски стилови од 340 пиварници, беше еден голем предизвик за мене и влез во еден сосема нов свет, во кој од сосема друг аспект го запознав пивото и имав можност да се дружам луѓе кои се експерти во оваа област. На овие настани пивата се оценуваат според различни критериуми. Основната одлука е дали пивото е карактеристично за одредениот стил или не. Други критериуми вклучуваат вкус, изглед, боја, арома. Се опишува секое пиво со зборови и се даваат одредени поени за секој критериум. И најважно е што не се гледа на тоа дали лично ти се допаѓа пивото или не, туку во функција се ставаат сите сетила. Велат за вкусовите не се разговара, но за пивото се разговара. Во музички жаргон, на тоа гледам како композиција која производителот на пивото ја создава кога состојките ги претвора во пиво. Неговата партитура е многу често комплексна. Задоволство е да се гледа како во воведот од житарките се создава шеќерот, па вториот чин кој ве повикува на волшепството на квасецот да го претвори шеќерот во алкохол, за на крај да застане на третиот чин и повика на шепотот на хмељот и на композицијата и даде целосна арома, вкус и чистота. Пивото навистина може да биде многу племенит пијалак и многу сложен. Секое пиво во себе има нешто посебно.

Колекционер сте на пивски кригли и чаши. Од каде се ги набавувате и од која земја имате собрано најмногу чаши?

 Колекционерството започна паралелно и со продавницата. Од секој увоз на пиво, порачував и комплет на чаши кои не беа евтини, но беа уникатни, па успеав да задржам и по една за себе. Кригли имам само 10- тина, но затоа имам околу 200 чаши. Инаку, најмногу чаши имам собрано од Белгија поради нивната естетика, комплексност и дизајн, а најомилена чаша за консумирање пиво ми е ТЕКУ чашата од РАСТАЛ дизајнирана по концепт на италјанците Лоренцо Дабове (пивски гуру во Италија) и Тео Мусо (предводникот на крафт движењето во Италија, сопственикот на пиварата Баладин) кои ја дизајнираа оваа чаша за потребите на крафт пивата и стана општо прифатлива насекаде. Но, покрај чашите имам и бројни специјализирани списанија за пиво, книги, подметнувачи, отварачи, тапите веќе не ги ни сметам за колекција, мал дел на знамиња од пивски брендови, но и симболи за на ѕид.

Како пивски амбасадор, која е вашата порака до љубителите на пиво, а и до оние кои се уште не ја почувствувале вистинската вредност на најконсумираниот пијалак во светот?

 Па да, бев неколку пати прогласен за „пивски амбасадор“ за неколку белгиски пивски брендови, но пред се би почнал со елиминација на предрасудите кои веќе имаат митски статус, пивото можете да го пиете и сами но и во друштво, секогаш пијте го пивото со пената бидејќи без пена ви се скратува задоволството да ја почувствувате неговата арома, освежувачката горчина, пената е важен показател за квалитетот на пивото, пената подолго време го чува пивото ладно. А токму до оние кои не консумираат пиво, би им порачал дека пивото не е горчлив, едноличен пијалак – Дајте му шанса на пивото. Не го потценувајте.