Skip to content Skip to footer

КАДЕ НА ПИВО: ПАБ БЛУ (PUB BLUE), КАВАДАРЦИ

Шетајќи во секој град низ нашата држава се обидувам да пронајдам места кои што се истакнуваат од останатите токму поради нивниот пристап на пивото. Пабовите во Македонија станаа популарни некаде од почетокот на новиот милениум.

Се сеќавам многу добро на отварањето на првиот Ирски Паб во центарот на Скопје, а подоцна речиси во секој град почнаа да никнуваат пабови по англискиот терк.

Паб културата е интегрален дел од животот на Британците, посебно на студентите. Пабовите се место каде што може да се социјализирате, релаксирате и уживате во вашиот омилен пијалок, во случајот пивото. Одењето во пабовите често знае да биде и поради забава, да се следат главните фудбалски натпревари на голем ТЕВЕ екран (секако не очекувајте митинзи на политичките партии 🙂 )

После еднодневната екскурзија по малите семејни винарии на нашите драги пријатели членови на Слоу Фуд президиумот за винската сорта Станушина, Винаријата „Ерос“ на Сашко Андов и малиот, но посветен производител на органско вино, Винаријата Бади на Блаже Миневски со неговиот бренд „Love“ (бидејќи без љубов и посветеност кон виното нема да имаш и добар производ) продолживме на освежување на по едно пиво.Крајната дестинација беше PUB BLUE. И не згрешивме. Паб Блу постои речиси две децении и е главна дестинација на Кавадарчани, како преку ден така и во вечерните часови.

 

Мојата филозофија на ваквите посети е секогаш конзумирање на локално, па така веднаш на прво око се нафатив на свежо точеното „Наше Македонско Пиво“ и покрај тоа што го има во Скопје во Центар Бар, сепак вкусот тука ми е некако поавтентичен :). На располагање има 2 пива на точење (Пауланер и свежо точено Наше Македонско Пиво, кое што се произведува во кавадаречкото село Мрежичко) и околу 40 пива кои моментално се наоѓаат во нашата продажна мрежа. Секако најважната работа секое пиво го служат во својата соодветна чаша. Атмосферата е одлична и пријателска, услугата брза, и кујната извонредна според очекувањата. Цените сосема пристојни со исклучок на некои специјални пива кои самите по себе и поради нивниот рејтинг и квалитет држат висока цена

 

Уреден е во класичен цигла дрво стил, а ѕидовите се украсени со фотографиите од вработените во текот на годините и позначајните настани кои се случувале во овој паб во минатото.

 

И повторно со големо жалење би го потенцирал бавниот развој на локалната пивска сцена, бидејќи доколку имаме повеќе вакви места со локални пива, би се зголемил не само буџетот на државата преку регистрација и легализација на малите производители, не само на вино и ракија туку и на пиво, бидејќи тоа е реалноста насекаде во светот, освен кај нас, би се развивал локалниот туризам, намали невработеноста итн итн. Треба да се фокусираме во овој правец а не постојано да креваат рамења и ја префрлуваат одговорноста од едни во други институции. Дури и големите индустриски пивари знаат понекогаш да изненадат со некој мали специјални серии на пива, следејќи го секако трендот на пазарот.

контакт:
Cano Pop Ristov (79.26 km)
1430 Kavadarci
работно време: 08:00 – 01:00
контакт телефон: 043 552 266

бизнис сајт: pub-blue.business.site

Марјан Костадиновски