Skip to content Skip to footer

ГИ ПРОБАВМЕ: ТЕМНИТЕ МАКЕДОНСКИ ПИВА

Ете конечно дојде зимата и зимскиот период во кој на сцена стапуваат темните пива, како што милуваат да кажат големите индустриски корпорации – темното пиво ќе биде достапно на пазарот претежно во зимскиот период, кога конзументите преферираат темни пива со исклучително богат вкус. Но, јас сум на пример од оние љубители кои го преферираат темното пиво во текот на целата година.

Темните пива во Македонија сепак имаат некоја традиција со извесни прекини во текот на годините. Темно пиво имало во периодот после Втората Светска Војна, па во 70 тите години од минатиот век од двете најголеми пивари во Македонија, потоа следува период на затајување (веројатно не се покажало интерес за понатамошно производство на сметка на големиот лагер) за да дене повторно се вратат во мода.

Благодарение на трендот на занаетчиските пива, конечно двете најголеми пивари се охрабрија и решија на пазарот да ги понудат и своите темни верзии.

Сакам Пиво одлучи да направи една спонтана проба на сите локални темни пива кои ги има моментално на пазарот и ги земавме СКОПСКО ТЕМНО ПИВО, ЗЛАТЕН ДАБ ДАРК, СТАРОГРАДСКО ДАРК И „МРАК“ ПОРТЕР на крафт пиварата ТЕМОВ.

Помеѓу сесиите од пиво до пиво се определив за брускетите Марети и едни нови интересни солени переци ЕЛЕФАНТ кои што меѓу другите состојки прочитав дека содржи и пченично брашно и јачменов слад, соја, сусам и сенф, што ми изгледаше една добра комбинација при преминот од едно на друго пиво.

Почнав со СКОПСКО ТЕМНО ПИВО. Прв пат се појави на пазарот во 2014 година на моја огромна радост, бидејќи постојано од постарите сум слушал дека пиеле темно пиво некаде периодот после војната. Во една моја посета во Пивара Скопје во нивниот музејски дел ја видов токму таа флаша на првото Скопско темно пиво кое тогаш се викало Ројал. Се работи секако за индустриски тип на дарк лагер пиво со стабилна убава кремаста пена околу 6 см, а држеше околу 4 мин. Пријатна газираност и горчина, умерена блажина карамелизирани ноти. Кај овој тип не треба да очекувате изразена доминација на хмељот, повеќе се оди на аромата од сладот, претежно карамелизираниот и двојно печен. Горчината од хмељот се чувстува во финишот. Една мала ситуација со ова пиво имав при една моја посета во еден локал во месец септември, во кој наводно се третира пивската култура со огромен избор на увозни и секако нашето најдобро, при мојот избор на скопско темно, келнерката ми рече дека немале, односно дека не го произведувале во пиварата преку лето. Но, затоа еден ден претходно, во една гостилница на перифериријата од Скопје, во фрижидерот здогледав едно убаво шише Скопско темно и секако си го порачав. Конзумирањето во соодветната балон чаша го прави уште попријатно и идеално за овие зимски студени денови.

По една кратка пауза со переците следувaше второто темно пиво на ред, а тоа е брендот на Прилепска Пиварница ЗЛАТЕН ДАБ ДАРК. И за Прилепска Пиварница исто така имам слушано дека во минатиот век произведувале темно пиво Крали Марко, но со годините тоа пиво исчезнало од пазарот и се посветило вниманието само на производство на индустрискиот тип на лагер пиво. ЗЛАТЕН ДАБ ДАРК на пазарот се појави паралелно кога се појави и СКОПСКО ТЕМНО. Златен даб дарк е производ на стратешкото партнерство на Прилепска пиварница со Кухел Бауер, една од најстарите и најреномирани германски пиварници, со своја традиција која потекнува дури од 14-от век.  При првото налевање веднаш се гледа убавата избалансирана нијанса на темно кафена кон црна боја (комбинација на сладови), стабилна пена која траеше во рамките на предвидениот просек од 4 мин. И повторно кај овој тип на пива, хмељот е небитен ако очекувате арома од него, горчина која е избалансирана, доминира чоколадниот вкус од влијанието на сладот, но и печениот слад исто така. За разлика од претходното пиво има многу помала блажина, Лесно и питко пиво кое што слободно би можело да се конзумира и во летните денови со соодветна чаша во форма на лале. Вистинско темно пиво како што милуваат да кажат од Прилепска пиварница. Слободно може да биде во чекор со светските пива од сличен тип.

Трето на листата на чекање е СТАРОГРАДСКО ДАРК . Староградско Пиво е производ на компанијата КОДИНГ ГОРСКА ВОДА во чии рамки во продолжение се отвори и погонот на нивната бутик крафт пивара во која што се произведува пивото СТАРОГРАДСКО. Се наоѓа во Кавадаречкото село Конопиште, од каде што потекнува и изворот на Горска вода. За разлика од претходните два примери, оваа пивара е со ограничен капацитет на производство, и се произведува непастеризирано пиво, со уникатен вкус и свежина. Произведено како што милуваат да кажат во согласност со германската регулатива за производство на пиво, прилагодена на македонскиот комплексен вкус. На пазарот се појави во 2016 година Староградско Дарк е црно пиво, кое за разика од претходните две пива доминира вкусот на кафето односно пржените ароми на сладот специфични за овој стил, убава кремаста пена слатко и малку овошно, средно тело и сув финиш и послаба карбонизација односно газираност. Како стил на пиво е тотално различно од претходните две пива, a совршено би одговарало со некои темни чоколада и десерти на таа основа како и со некои потешки видови на сирења. За жал не можев да најдам соодветна староградско чаша која ја имам во мојата колекција, па морав да го конзумирам во несоодветна кригла која што е наменета за точените нивни пива, и целосно ми го смени вкусот и перцепцијата за овој тип на пиво.

Четвртото и последно темно пиво е пивото ПОРТЕР „МРАК“ од Крафт Пиварата Темов. Ако сте љубители на кафето од типот на макијато, ова е вистинското нешто за вас. Свежо произведено и со нов дизајн и нова амбалажа. Како и претходното и кај овој стил на пиво кои го нарекуваат како Портер, не очекувајте некоја изразена карбонизација, бидејќи кај овој стил на пиво и не треба да ја има. Дозираноста на хмељот исто така е во задоволително ниво, и доминантна е во финишот односно послевкусот. Пиво по мој вкус како што сакам јаст„Темно и мрачно“ што би рекле и од пивницата Стар Град, каде што и се произведува ова пиво од 2014 година.

И за крај наместо заклучок. После двата вински салона од почетокот на овој месец, настанот со спарувањето на пиво со сирење и неколку приватни ексурзии кај производители на домашна ракија и пиво, редно е да се подготвиме и за пивскиот салон. Среќен сум што конечно во Македонија имаме избор на локални пива, добри ли се лоши ли се сепак треба да ги почитуваме и конзумираме. Ако пред 10-15 години кога ќе отидевме во некоја гостилница и локал и порачавме пиво ви носеа пиво, денес веќе почуваат да ве прашуваат : А какво сакате? темно, светло, вакво онакво…

Пријатна вечер ви посакува

Марјан Костадиновски, вашиот пријател и водич во златно жолтиот пијалок