Skip to content Skip to footer

ДЕНЕС ИРЦИТЕ ГО ПРАЗНУВААТ ДЕНОТ НА СВ ПАТРИК, А КАКО ВИРУС СЕ ПРОШИРИ И ВО СВЕТОТ

Веќе со векови на 17 ти Март, Ирците во својата татковина и во делови од светот, заедно со сите останати луѓе на добрата воља го слават својот заштитник Светиот Патрик – првиот Христијански мисионер или St. Patrick’s Day. Според преданијата св Патрик околу 385-461 г, како 16 годишно момче бил грабнат во Британија и продаден во ропство во Ирска во која станал пастир. За време на неговиот живот, ја открил Религијата и времето го минувал во молитви и покајание. После некое време успеал да побегне и да се врати во својата татковина во која станал Бискуп. Недолго потоа, Папата како мисионер го праќа во Ирска, во која бројните безбожници ги натерал да го прифатат Христијанството и станал многу омилен кај народот. Благодарение на својот тежок и посветен живот, мисионерството и чудата (ги истерал сите змии и останати животни од Ирска) бил прогласен за Светец.

Во негова чест Ирците 17ти Март денот на неговата смрт, го прогласуваат за празник – „Денот на св Патрик, St. Patrick’s Day“. Денот на св Патрик со векови е верски и национален празник во Ирска, кој изворно се слави во кругот на семејството. Отприлика околу 15 тиот век, Ирците тоа утро оделе во Црква на миса, а попладне се дружеле и веселеле, пееле стари песни и играле народни ора, јаделе традиционални јадења, најчесто димена шунка со купус, која подоцна посебно во Америка била заменета со потсолено говедско месо. Се било во знакот на детелината и зелената боја кои станале празнични и национални симболи, поради тоа што според преданието, св Патрик со помош на детелината со три листа на луѓето им го објаснувал светото тројство, односно темелното христијанско спознание дека Бог е еден, а во него се трите лица таткото, синот и светиот дух.

Така, традиционално на 17 ти март во чест на св Патрик машките се украсувале со шешири или капи со зелена детелинка, девојките ставале зелени марами во косата, а децата носеле тробојни зелено бело портокалови беџови. Поради сиромаштијата, Ирците биле принудени масовно да се иселуваат во Америка. Бројните Ирски емигранти не само што ја продолжиле традицијата во новата татковина, туку воспоставиле и некои нови обичаи – живописни паради, пиење на огромни количини на пиво и облекување во зелена облека.

Денот на Св. Патрик прв пат официјално е прославен во 1737 година во Бостон, а првата парада е одржана на 17 ти Март 1762 година во Њујорк, а во нејзе учествувале и Ирските војници кои служеле во Британската армија. Од тогаш во делови од Америка се одржуваат бројни паради од кои повеќе од 150 000 учесници се облечени во зелено. Интересно е дека Ирците во Чикаго денот на Св. Патрик веќе традиционално го одбележуваат со боење на реката во зелено. Така, реката Чикаго прв пат ја обоиле во 1962 година. Таа година во нејзе биле уфрлени неколку тони зелен зеленчук, за да од следната година почне да се користи посебна боја која може за неколку часа во чест на Св Патрик позелени. Секако, парадите во чест на св Патрик освен во Ирска биле прифатени и во Англија, па така оние како во Даблин и Бирмингем, како и онаа во Њујорк се сметаат и денес за најголеми во светот. Благодарение на живописните паради, во Даблин од примарен верски празник преминал во голем фестивал кој станал туристичка атракција на која доаѓаат луѓе во целиот свет. Денес фестивалот трае цел ден, и редовно привлекува повеќе од милион луѓе. Освен со голема парада, може да се пофали и со голем огномет и богата програма во која учествуваат улични музичари, глумци, танчери. Но, една од најголемите атракции на фестивалот е ирското пиво кое тие денови тече во изобилство. Секако најмногу се бара зелено пиво кое со малку добра воља може да се подготви и дома. Имено ако сакате вашето пиво да позелени во чест на св Патрик, земете празна разладена кригла или чаша капнете по капка од некоја зелена прехрамбена боја и налејте светло пиво по ваша желба.

Извор: книга „Пивски приказни“ (необјавена)

Марјан Костадиновски